Јубилејното 25-то издание на интернационалниот креативен фестивал Golden Drum ќе се одржи од 17 до 19 октомври 2018 во Порторож, Словенија. Организаторите на фестивалот соопштија дека рокот за пријавување на кампањи е продолжен до 3 септември. Пријавените кампањи ќе бидат оценувани и евалуирани од 22 меѓународни експерти, предводени од Адријан Ботан за WHY категоријата и Џејми Манделбаум за WHAT категоријата.
Овогодишното 25-то издание на Golden Drum ќе донесе многу новитети во натпреварувачката програма. Натпреварот ќе остане поделен на два дела, но категориите Best Piece и Best Practice беа развиени во пофункционалните прашања WHY и WHAT, односно „Зошто?“ и „Што?“. Категоријата WHAT ќе ги препознава и наградува најдобрите решенија и најефикасните имплементации, додека пак WHY категоријата ќе ја бара крајната причина за различните комуникациски практики. Секоја категорија е потоа поделена на групи и поткатегории кои ги рефлектираат најновите трендови во адвертајзингот и креативната индустрија.
Повикот за пријавување кампањи е отворен за сите агенции, огласувачи, клиенти, дизајнерски и продукциски куќи, медиумски компании и други чинители во процесот на создавање и продукција на маркетинг комуникации, регистрирани во следните земји: Албанија, Ерменија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Кипар, Естонија, Финска, Грузија, Грција, Унгарија, Израел, Италија, Казахстан, Косово, Киргистан, Латвиа, Либан, Литванија, Македонија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Таџикистан, Турција, Туркменистан, Украина, Узбекистан, како и за прв пат оваа година – Португалија и Шпанија.
Повеќе информации на официјалниот веб-сајт www.goldendrum.com.