Црвената ѕвезда, заштитниот знак на пивото Хајнекен, може да стане жртва на напорите на Унгарија да расчисти со симболите поврзани со годините на комунистичко владеење
Унгарскиот премиер Виктор Орбан има намера да ја забрани употребата на црвената ѕвезда, односно петокраката, па неговата партија „Фидес” подготвува закон со кој се забранува каква било комерцијална употреба на тоталитарни симболи, како што се нацистичката свастика или комунистичката петокрака.
Законот предвидува казна од дури 6,5 милиони евра или две години затвор за сите кои ќе се осмелат да ја користат црвената петокрака, која според партијата е симбол на комунизмот. Меѓу најпогодените ќе се најде познатата холандска пиварница Heineken, чија препознатлива етикета веќе со децении ја краси токму петокраката.
Хајнекен има лого во форма на ѕвезда во поголемиот дел од својата долгогодишна традиција од кога во втората половина на 19 век го произведе првото пиво, а ѕвездата ја промени бојата во црвена во 1930-тите години.
Се смета дека ѕвездата е симбол на пиварата за различните фази во процесот на производство на пиво. Но, црвената ѕвезда е исто така и еден од главните симболи на советскиот комунизам, а користена е и од страна на комунистичкиот режим во Унгарија.
Некои медиуми пишуваат дека забраната, освен иделошка има и економска заднина.
Имено, конфликтот Орбан-Хајнекен трае неколку години, откако холандската пиварница го доби спорот во судскиот процес во романскиот суд со еден производител на пиво во Романија, кој е многу популарен меѓу тамошните Унгарци. Утврдено е дека локалното пиво Csíki премногу личи на пивото Ciuc на Heineken. Според тоа, на Орбан црвената ѕвезда му е само изговор да му наштети на холандскиот пивски гигант, тврдат некои медиуми.