Новиот спот ја заокружува оригиналната приказна, овој пат фокусирајќи се на повторното користење и одговорно трошење, истовремено изразувајќи пофалби за квалитетот на брендот
Во 2002 година, Икеа Канада сними реклама со тажна приказна за една скромна столна ламба. Овај, денес култен спот, кој изворно го режираше славниот Спајк Џонс, го доби своето продолжение 16 години подоцна. Икеа сметаше дека на приказната за омилената ламба и` треба продолжение, особено имајќи предвид дека целокупната стратегија на брендот значително се промени.
Рекламата, едноставно насловена “Lamp 2” продолжува онаму каде што застана. Во првото видео гледавме тажна приказна за едноставна црвена ламба, чија сопственичка ја исфрли откако купи нова. Ламбата во спотот останува сама на плочникот и додека гледаме како ја наврнува дождот, со меланхолична музика во позадина, не можеме, а да не почувствуваме одредена поврзаност со овај скромен предмент. Одеднаш, излегува човек на сцената и порачува: “Многумина од вас се чувствуваат лошо заради оваа ламба. Тоа е затоа што сте луди. Таа нема чувства, а новата е многу подобра”, што веднаш ја направи оваа реклама незаборавена. Погледнете го оригиналниот спот подолу:
https://www.youtube.com/watch?v=9PzIcJrsg6g
Сега, продолжението се врти околу новата стратегија на Икеа, People and Planet Positive, која се фокусира на отстранување на сите еднократни пластични материјали од нивниот асортиман на производи и ресторани, но и обврска дека компанијата ќе се претвори во целосно циркуларен бизнис од 2030 година. Компанијата се обврза дека своите производи ќе ги направи долготрајни, со користење на одржливи материјали кои целосно може да се рециклираат и ќе имаат програми кои овозможуваат „second-life“ или втор живот на производите.
Во согласност со оваа стратегија, беше креиран и нов спот, кој користи можност да раскаже нова приказна за квалитетот на производите на Икеа и нивната долговечност. Во видеото, компанијата сака да ја раскаже приказната за значењето на тоа што луѓето сакаат да ги задржат своите производи подолго и колку е тоа подобро за целиот свет.
Спотот е креиран од агенцијата Rethink, а овој пат во режија на Марк Зиберт.