Современата маркетинг мудрост вели дека најдобрите бренд логоа се паметни, чисти и лесни за препознавање – едноставноста подобро ја служи препознатливоста на еден бренд идентитет. Како тогаш да се објасни лого кое „гази“ по овие препораки за брендирање, или во овој случај, ги претвора во камен?
Кога Michael Kors соопшти минатата недела дека ќе плати 2 милијарди долари за да го купи Versace, новинарите и експертите од модната индустрија веднаш се посветија да го анализираат „рациото“ позади понудата и последиците за италијанскиот моден бренд. Но, и покрај тоа што многу работи може да се променат кај миланскиот моден гигант, едно нешто е сигурно дека ќе остане: логото.
Го знаете. Главата на Горгона Медуза, грдата жена од митологијата, со змии наместо коса чиј поглед претвора секого во камен, обиколена со меандер. Кој би помислил дека толку комплициран и тематски бизарен амбелем е добра идеја? Епа, Џани Версаче. Но, зошто го одбрал, и зошто функционира, останува да полемизираме.
Роден во 1946 година, Џани Версаче израснал во јужноиталијанскиот град Реџо Калабрија. Според приказната, малиот Џани и неговата сестра Донатела си играле во античките рушевини до градот. На еден од мозаичните подови, тие ја забележале главата на Медуза. Откако во неговите 20-ти се преселил во Милано, Џани го основал својот моден бренд во 1978 години, веднаш привлекувајќи го вниманието на јавноста поради своите „ризични“ дизајни. Со години, Версаче го користел своето име како лого – сѐ до 1993 година, кога ја присвоил главата на Медуза од своето детство.
Одлична приказна нели? Сепак, „ова парче на лична носталгија не е доволно за да го направи логото да биде значајно за другите и искрено мислам дека има нешто повеќе во приказната“, вели Мајкал Вентура, основач и CEO на консултантската агенција Sub Rosa. „Јас не сум моден дизајнер, но секогаш сум ги перцепирал делата на Версаче како „секси грдо“. На некој начин, тој се вклопил во самиот мит, создавајќи нешто што некои може да го сметаат за грдо, но истовремено предизвикувајќи и многумина да бидат пленети од него. Дали тој размислувал толку длабоко за неговиот пристап кон дизајнот кога го одбрал овој симбол како лого? Се надевам,“ додава Вентура.
Всушност, знаеме нешто за тоа како размислувал Версаче. Без сомнение, тој го знаел митот како еднаш прекрасната Медуза, проколната од божицата Атена, почнала да го намамува и убива својот машки плен со само еден поглед. Таа дихотомија – фатална привлечност – се чини дека му се допаѓала на дизајнерот. „Кога го прашав Џани зошто ја одбрал главата на Медуза, тој ми одговори дека кога некој ќе се вљуби во Медуза, тој не може да избега од неа“, еднаш објасни неговата сестра Донатела Версаче.
Колку и да е симболиката на логото привлечна, тоа сепак изгледа како пренатрупано. Но, Рајан Џордан, креативен директор на агенцијата imre, вели дека тоа може да функционира во модната сфера: „Овој класичен симбол е совршен за еден модерен луксузен бренд да се ориентира низ визуелно-центричната природа на брендингот во свет на социјални медиуми, баш поради тоа што симболот на Горгона Медуза не е само дизајнерски избор, туку приказна сама за себе и гаранција да го продолжи погледот кој Версаче го имаше за модерната секси жена.“
А, фановите на Версаче се надеваат на гаранција дека логото ќе биде задржано од страна Мајкл Корс, чие корпоративно лого се само неговите иницијали – колку досадно.