Од пред неколку месеци имам привилегија да другарувам со еден одличен модел на часовничарскиот бренд Hamilton, дел од серијата Jazzmaster кој поради својот дизајн на дисплејот е наречен Open Heart.
Овој одличен автоматик покрај својот изразен концепт на “швајцарска прецизност со американски дух“ (што впрочем е и своевидна “дефиниција“ за брендот Hamilton), со себе носи неколку уникатни пораки кои допираат и во животната филозофија.
Забележувате дека сите бројки и форми на дисплејот се со совршена форма и дизајн. Сите освен 12-ката која е “пресечена“ со отворениот дисплеј (“срце“) на часовникот.
Токму тука е и првата порака на овој часовник, дека “треба да се има отворено срце за сите несовршености“, дека тие треба да се прифатат – за универзумот да биде целосен….и конечно “совршен“.
Ова “отворено срце“ ни дава можност и да погледнеме малку внатре во “душата“ на часовникот, неговиот механизам кој работи беспрекорно.
Сепак погледот е ограничен, поголемиот дел не го гледаме…..тој смееме само да го замислиме и да оставиме на нашата фантазија да го проектира онака како што ние сакаме. Поуката тука е дека: “Како времето ќе работи за нас – треба да одлучиме ние самите!“
Прецизноста на овој автоматик зависи повторно само од нас, ако го носиме тој точно работи и функционира до стотинка….ако го оставиме да стои подалеку од нашиот зглоб – тој за неколку часа запира. Ова ни ја пренесува и пораката за работата на нас себеси – ако “работиме“ ќе функционираме, а ако “се` оставиме“, запира се`.
За крај ќе затворам со констатацијата дека “Отвореното срце е одговор на секое време!“
Која е Вашата приказна со Вашиот часовник? Одсега ќе можете да ни ја раскажете во секцијата М365#WatchStory.
Автор: Борис Ефтимовски