Автор: Цветанка Јошева, Дигитал маркетинг менаџер на Represent Communications Скопје
Кога се обидувам да се навратам наназад низ времето, на почетокот од мојата кариера, кога почнав да работам во сферата на дигиталниот маркетинг, се присетувам како во комуникација со агенциите (во тоа време бев од страна на клиентот) многу тешко ми одеше да ја објаснам потребата од лендинг страница за кампањите кои ги водев. Од претходното искуство, работејќи долго време за интернационални клиенти кои си бараат конкретна аналитика за секоја потрошена пара во кампањи, сфатив дека многу тешко ќе успееме да се разбереме на локално ниво. Меѓутоа, едукацијата е секогаш добредојдена за успех :)
Како до оптимизирана и успешна лендинг (landing) страница за Вашиот бизнис?
Не постои точна формула за креирање на лендинг страница! Никогаш нема да кажеме – “Е ова е 100% совршена лендинг страница која сигурно ќе ги привлече вистинските клиенти и ќе ни обезбеди сигурен, а и поголем профит од очекуваното!”…
А што е навистина лендинг (landing) страница?
Едноставно, тоа е страницата која прва се отвора при кликнување на линкот од некој банер, текстуална реклама, резултат од пребарувач, линк итн. Ова е одлична маркетинг алатка за секој кој ги користи дигиталните медиуми за промоција. Лендинг страницата има за цел да генерира сообраќај само од спонзорираните кампањи, но најчесто кај нас и не е баш така. Во македонскиот дигитален свет најголем дел од спонзорираните кампањи се сетирани така да доколку ги кликнете, ве однесат на постоечкиот веб сајт на компанијата која се рекламира, а не на посебна лендинг страница развиена само за конкретната спонзорирана кампања. Со чест на исклучоците сепак 95% од рекламите водат на постоечкиот веб сајт.
Лендинг страниците се неверојатно важни за успешни дигитални кампањи. Тие ни помагаат да ja насочиме нашата специфична публика и ни овозможуваат да собереме важни информации за купувачот, кои во иднина може да ги користиме за комуникација со нив. Но не само ние, најважно е корисниците да ги искористат бенефитите од лендинг страницата, а тоа се:
- Да ги видат сите информации на едно место
- Да најдат одговор на сите прашања кои ги имаат, а се поврзани со промоцијата/кампањата
- Да може да направат некаква акција – на пр. да се регистрираат за некој настан, да купат/ нарачаат нешто, да остават свои лични податоци за контакт итн.
Сето ова има една, единствена и фокусирана цел, а тоа е да се поттикне реакција од идните потенцијални клиенти.
А што не е лендинг (landing)страница?
Лендинг страниците не се синоним за почетната страна на веб сајтот и не треба да се дел од сајтот, но тоа е многу често првата страница што посетителот ја гледа. Затоа и лендинг страницата не треба да ги има истите елементи како почетната страна на сајтот, не треба да ја има навигацијата и останатите дополнителни линкови, туку информации врзани за промоцијата, привлечно call-to-action копче кое ќе иницира реакција од посетителите, атрактивна фотографија, соодветна типографија и точна порака.
Какви лендинг страници постојат?
1. Click-through страница
Целта на оваа click-through лендинг страница е да ги информира посетителите за производите или услугите што се продадаваат или промовираат и нивните бенефити, а при тоа треба да ги поттикнат да направат соодветна акција преку call-to-action копчето – да купат, порачаат, да се јават итн.
Еве еден пример: https://moz.com/mozpro/lander
2. Lead Generation страница: Овој тип на лендинг страница има за цел да собере лични податоци од посетителите најчесто почнувајќи од име и имејл адреса. Кога би отвориле ваква страница, ќе ве дочека форма за пополнување и тоа за: одредена претплата за некоја услуга, нарачка на производ, попуст, игра итн. Една добра lead generation страница не треба да има дополнителни линкови, ниту пак навигација која може да ве однесе во друга насока, туку само постоечката форма која треба да се пополни.
3. Squeeze Page: Оваа страница е специјално дизајнирана за посетителите да ја остават својата имејл адреса со цел да продолжат да ја пребаруваат страницата. Ова е супер можност за собирање на имејл адреси, кои во иднина може да се користат за маркетиншки цели.
Еве зошто овој тип на страници се ефективни:
1. Многу се кратки и привлечни.
2. Во текстот јасно и накратко се објаснува понудата.
3. Посетителите секогаш се мотивирани и привлечени од дизајнот за да ја остават својата имејл адреса.
4. Sales Page:
Продажната лендинг страница е посебна страница независно од носечкиот веб сајт, која што се користи за продажба на производи или услуги. На овој тип на страници, посетителот треба да ги дознае сите важни информации за производот или услугата, со цел да го направи купувањето. Ова страница може да содржи кратка или долга форма во зависност од сложеноста на производот.
5. Splash Page: Splash страница е воведна страница или екран кој се појавува пред да се отвори веб сајтот. Целта на оваа страница / екранот е да им обезбеди на посетителите дополнителни информации за брендот и да ги однесе на потребната страна од веб сајтот. Да го земеме примерот со сајтот на Zara. На самиот старт треба да се одбере земја за да се продолжи на соодветната страница.
Кои се важните елементи и како да развиеме една добра лендинг страница?
- Наслов на страницата – Ако сакаме да ги задржиме нашите посетители на страницата, тогаш треба да имаме добро осмислен и атрактивен наслов, а содржината и текстот треба да одговараат на насловот. Насловот може да биде одговор на некое прашање, да биде интересен и смешен,
- Под наслов или дополнителен наслов – Не е задолжителен, но доколку го има треба да биде јасно дефиниран и со одредена цел.
- Креативни елементи – Треба да вклучиме слики или видеа кои се однесуваат на содржината т.е. текстот и да влијаат позитивно на посетителите со единствена цел – дополнително да ги поттикнат ја прочитаат содржината и да направат акција. Визуелните елементи треба да доминираат на страницата, но сепак внимателно одбрани и доволно јасни за да ја пренесат главната порака за производот или услугата.
- Содржина, текст – Тука треба да ги објасниме предностите на нашата понуда – Текстот треба да биде јасно и едноставно напишан, организиран во параграфи и под точки (bullet points) кои секогаш ни помагаат да дојдеме до главните информации лесно и брзо. Неопходно е да ги вклучиме и клучните зборови во текстот за да ја оптимизираме страната. Текстот е тој кој ја објаснува понудата, затоа е важно да биде конципиран на начин кој ги потенцира вредностите на производот или услугата. Во текстот одговорете на прашањето – “Што го прави мојот производ или услуга подобар од конкуренцијата? или Што ја прави услугата уникатна? ” Дајте му на корисникот причина да ве избере :).
- Индикатори на доверба (trust indicators) – Социјалниот доказ е моќен и убедлив концепт. Луѓето сакаат некој друг да донесе одлука за нив, тоа е поедноставниот начин :). Затоа рецензиите и тестимониалите се толку популарни. Треба да вклучиме препораки кои ќе им помогнат на нашите посетители да донесат одлука, базирана на аргументи.
- Call-to-action копче – A call-to-action копчето е еден од најважните елементи на секоја лендинг страницата. Tреба да биде дизајнирано со единствена цел да го привлече вниманието на посетителите и да ги охрабри да ја преземат посакуваната акција на страницата – да купат нешто, да се претплатат за некоја услуга, да остават податоци итн. Ова “кликање” нам ни дава конверзии, а тоа е најважно. :)
Затоа копчето треба:
- Да се издвои веднаш над останатите елементи
- Да има контрастна боја за да се одвои од другата содржина на страницата
- Да повикува на акција –“ претплати се”, “купете веднаш”, “придружете се” итн.
- Lead Capture Form – Ова го споменав и погоре, постојат лендинг страници кои содржат и форма за пополнување. Формата треба да биде едноставна и со помалку полиња за пополнување. Но, не секогаш можеме да искористиме кратка форма. За да дознаеме која форма е најдобра за нашата страна, добра препорака е да спроведеме А / Б тест на секоја од нив. А што значи тоа? Тоа подразбира тестирање на двете варијанти, кратка форма и долга форма. Онаа верзија која ќе ни даде подобри резултати, ќе продолжиме да ја користиме.
- Mobile friendly – важно е страницата да се прилагодува на различни димензии на екран каде посетителот ќе може да врши преглед на веб страницата лесно, исто како да е пред монитор на персонален компјутер.
Компаниите кои често спроведуваат спонзорирани кампањи знаат дека клучот за успехот во постигнување оптимален буџет во смисла потрошувачка – видливост по целни групи е еднаков на добро оптимизирана лендинг страница. Само на тој начин ќе имаат точен увид во сите параметри кои се важни за проценка на спроведената кампања.