Во константно настојување интернетот да го направи поотворен, послободен, посигурен и поприфатлив, неговиот творец започна голема иницијатива за обезбедување подобар интернет
Следната година, во март, ќе биде обелажан 30-тиот роденден на интернетот каков што го осмисли Тим Бернерс-Ли, таткото на интернетот. Во исто време, треба да се случи и значаен момент во историјата на интернетот, кога на интернет ќе биде поврзан половина од човештвото, па Бернерс-Ли со својата асоцијација The Web Foundation сака да започне една голема иницијатива со цел да се „спаси“ интернетот.
За потребата за спасување на интернетот од негативните влијанија, неговиот основач пишуваше и оваа година, на 29-годишнината од изумот кој го промени светот. Сега, тој започнува со проектот Договор за подобар интернет, кој треба да биде прифатен од страна на владите во светот, големите компании, но исто така и индивидуалните корисници, бидејќи сите тие делат дел од одговорноста за квалитетот на содржината што се наоѓа на интернет.
Договорот ги поставува принципите на слобода, отвореност, неограничен пристап, сигурност и сите други области кои треба да ја подобрат денешната мрежа. Крајната цел е Договорот да го потпишат што повеќе поединци и организации, се` со цел да се врати довербата на интернет, но исто така, оние кои се одговорни, кои имаат моќ да променат нешто, би можеле на тоа да се “натераат“.
Договорот за подобар интернет веќе го поддржаа компании како што се Фејсбук и Гугл, а сите дополнителни детали треба да бидат комплатирани до мај следната година.