Во време на сеопшта присутност на интернетот во нашите животи и нашите животи на интернет, една од најпопуларните и најпосакуваните професии меѓу младите е – инфлуенсер.
Дали брендови ќе ги користат услугите на одредени инфлуенсери и колку ќе бидат подготвени да им платат, тоа обично зависи од бројот на следбеници на една личност на Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и други платформи.
Поради тоа, не е невообичаено корисниците на социјалните мрежи да “лажат” кога е во прашање нивната популарност, осносно на секој начин, со користење на апликации на трети страни, вештачки да го зголемат бројот на следбеници, лајкови и коментари под нивните постови.
При употреба на такви апликации, корисниците мора да ги остават своите лични податоци при користење на овие социјални мрежи, со што директно се кршат правилата за користење на Инстаграм.
Затоа Инстаграм најави сериозна борба против таквите корисници. За таа цел, разви посебна алатка која може да се препознае корисниците кои користат услуги и апликации за зголемување на бројот на следбеници, лајкови и коментари.
Инстаграм ќе испрати предупредување и известување за кршење на правилата на таквите корисници и ќе бара од нив промена на лозинката.
Ако и после тоа корисниците продолжат да го користат методот за лажно зголемување на популарноста, тоа би можело да влијае на “нивното искуство на користење на Инстаграм”, соопштија од компанијата, но не објаснија на што точно мислат.
Ова е само еден од чекорите со кои Инстаграм сака да се заштити од ширење лажни вести и “измамнички” активности на корисниците, како и да се осигура дека оваа популарна социјална мрежа може да биде заедница преку која “луѓето се поврзуваат на автентичен начин.”