Уште во април оваа година, генералниот маркетинг директор на Volkswagen, Јохен Сенгпиел, најави ребрендирање на компанијата бидејќи „не е во добра форма“.
Според него, падот на репутацијата на брендот се должи на тоа дека тој е „премногу германски“, како и поради скандалот од 2015 година, кога беше откриено дека компанијата намерно инсталирала „измамнички“ софтвер во моторот на своите автомобили со цел да прикажува подобри резултати при тестирањето на перформансите на автомобилите.
Кога беше соопштена иницијативата за ребрендирање, Volkswagen се’ уште беше во потрага по нова агенција/и кои ќе го водат меѓународниот маркетинг на компанијата. Но, неодамна, таа потрага беше комплетирана и нивната соработка треба да започне од следната пролет.
Volkswagen го раскина својот договор со околу 40 агенции ширум светот и ќе работи со само три: WPP во Северна Америка, Omnicom Group во Европа и Јужна Америка и Cheil во Кина.
Во следната година, агенциите ќе треба да се посветат на подигнување на популарноста на електричните возила на компанијата од серијата “I.D.”, како и осмата генерација на легендарниот “Golf“. Компанијата побарала од агенциите да продуцираат пет пати повеќе спотови и реклами за Volkswagen и да ја зголемат маркетинг ефикасноста за 30% до 2020 година.
Покрај сето тоа, ќе следува и ребрендирање и ново лого. Последната промена на логото на компанијата била во 2012 година, кога класичното “VW” лого доби потридимензионален и полиран изглед.