Компаниите како Google и Facebook наскоро може да бидат драстично казнети за кршење на строгите руски закони
Владата на Русија подготви предлог на нови прописи и ги испрати на технолошките компании за да ги слушне нивните повратни информации. Предлогот предвидува поостри казни за прекршување на локалните закони за работење и слободата на говорот на интернет, кои и онака се меѓу најстрогите во светот. Имено, Русија, од интернет компаниите како што се Google или Facebook, според своите закони може да побара отстранување на содржина, резултати од пребарување и слично, а може да бара и на истражните органи да се предадат енкрипциските клучеви за дешифрирање на комуникациите на руски корисници.
Но, технолошки гиганти понекогаш не се придржуваат на овие правила, па владата на Русија има намера да ги казни за тоа. Наместо казни во износ од неколку илјади долари и блокирање на одделни сајтови и услуги, според новиот закон, секоја компанија која ќе ги прекрши правилата може да биде казнета значително подрастично. Ројтерс објави дека предлогот наведува дека казните може да изнесуваат до 1% од вкупниот годишен приход што една компанија го остварува во Русија.
Така на пример, максималните казни на Google ќе се зголемат од околу 10.500 на дури 6,8 милиони долари со новите пресметки.
Регулаторната агенција Роскомнадзор е одговорна за воведување и имплементација на новото законодавство.
.