Ви го претставуваме еден од косопствениците на ePay (www.e-pay.mk) сервисот во Македонија, сервис за испраќање “пари” преку вредносна Подарок Картичка (Gift Card) од секаде во светот, наменето за секој државјанин на Р.Македонија.
1.Како се роди идејата за e-pay ?
Со оглед на ситуацијата во Македонија во последните неколку години, со иселувањето и напуштањето на голем број на млади во странство, како и оние кои се од поодамна и живеат таму со години, поголемиот дел од нив им помагаат на своите семејства во Македонија, со испраќање на парични средства, за кои услуги плаќаат високи провизии ( Western Union , Money Gram и други ), сакавме да направиме нешто што ќе биде побрзо, поедноставно и поевтино, и секако ќе биде Македонски производ. Читајќи по интернет на наши локални сајтови, а посебно на банкарските сајтови, ја забележавме подарок картичката на Еуростандард Банка, која се продаваше локално. Од тука се роди идејата зошто оваа картичка да не ја направиме јавно интернационално достапна. Идејата беше супер, истата најде на разбирање и интерес кај луѓето од банката, со што веднаш прејдовме кон изнаоѓање на модел на соработка. Ја изработивме веб апликацијата и после извршените тестирања и одобрение од банката, започна нашата приказна.
- Како функционира системот?
Принципот на работа на e-pay е многу едноставен, од нашата веб страна го избирате дизајнот на подарок картичката која што сакате да ја испратите, потоа ја одбирате сумата која што сакате да ја испратите и на крај, ги внесувате вашите податоци и податоците за лицето на кое што му ја испраќате Подарок Картичката. Веднаш по купувањето, лицето за кое е наменета Подарок Картичката, добива известувње по е-маил, СМС порака или од нашиот call-центар, со сите информации за Подарок Картичката која што ја добива ( број на трансакција, сума, име и презиме и држава на лицето кое му ја испраќа) со тие информации, наредниот работен ден, може да отиде во било која експозитура на Еуростандард Банка и со приложување на документ за лична идентификација ( лична карта или пасош) да си ја подигне Подарок Картичката.
После подигнувањето на Подарок Картичката, лицето може да ја користи картичката низ продажните места во Македонија, без било какви дополнителни провизии.
Така што, доколку живеете во странство и сакате да испратите подарок за вашите фамилија и пријатели во Македонија, тогаш најдобар избор ви е Подарок Картичка!
- Кои се главните корисници засега и кои маркетинг канали ги користите за да ги таргетирате?
Како главни корисници кои во моментов ги имаме на располагање се наши иселеници или лица со привремен или постојан престој во повеќе земји и континенти од Светот. Тука би ги издвоил луѓето од САД, Европа и Австралија кои се најзастапени. Тенденција е да дојдеме до што повеќе клиенти ширејќи информација за нас и нашиот сервис до сите наши потенцијални клиенти ширум светот. Нашата цел е за помала провизија, побрзо, полесно и поедноставно да испратат соодветна сума на пари од странство до своите роднини и пријатели во Македонија. Тоа и ePay го овозможува споредувајќи се со класичните трансфер на пари компании.
Користиме најразлични канали за таргетирање на потенцијални клиенти, меѓу кои онлајн маркетинг, социјални мрежи, ПР текстови со објави на наши портали, флаери кои ги делиме тука, како и надвор на собирите на наши МК здруженија. Секако најдобра реклама се задоволните корисници кои по системот уста на уста ја пренесуваат нашата услуга како позитивна и корисна.
Како добра маркетинг алатка се покажа и соработката спонзорството што го имавме на претходен форум на МК 2025 одржан во Скопје.
- Кои се идните планови за развој на сервисот?
Нашата компанија постојано ги прати сите текови на активности и новитети на ваков тип на услуги со цел да ја подобри и модернизира својата услуга и бенефити кои би ги користеле нашите клиенти. Во процес на изработка сме на апликација Андроид која набргу ќе ја пуштиме во употреба. Очекуваме брзо да се случи и промена на Подарок Картичката, да се замени со брендирана подарок картичка, од типот на MASTER и VISA картичките, со цел да може да се користи непречено на сите продажни места во земјата, и секако работиме на намалување на провизиите за испраќање на Подарок Картичката.
Во фаза сме на изнаоѓање банка партнер и во соседните земји како Косово, Албанија ,Србија и Босна, за што се спремни и другите наши домени (www.e-pay.al и www.e-pay.rs)
Исто така би сакале да ја прошириме нашата мрежа на делување со подарок картичките, да продаваме и картички од повеќе наши директни продажни места, со цел да се добие попуст на секој што би ја купил таа картичка од кај нас, а би ја користел за тоа брендирано продажно место.
Остануваат и други наши дополнителни активности кои би ги објавиле кога ќе созреат за реализација и пренесување во јавноста.
- Како ја гледате бизнис климата во Македонија за развој на стартапи?
Стартапите завземаат значајно место во развојот на економијата во Македонија. Повеќето се со добра идеја, што оригинална, што ископирана за овие простори, каде сепак најважната страна е инвестицијата што секоја стартап компанија би ја направила или подоцна би ја добила за развој и масовна имплементација.
Секако за тоа се потребни разни фондови, бизнис ангели и слично кои допринесуваат за развој и докапитализација на овие компании со цел нивно беспрекорно и профитабилно работење во иднина.
Кај нас од огромно значење е и ФИТР (Фондот за Иновации и Технолошки Развој) формиран од Владата на Р. Македонија, кој помага за вакви стартап компании да аплицираат за кофинансирање во развој и имплементација на разни стартап решенија.
Тука и ние ја гледаме климата како создадена токму за нас, со што се надеваме дека во иднина ќе прераснеме во еден национален македонски сервис на испраќање на “пари” кон и од Македонија.