Концептот на киднапирање невеста можеби изгледа како анахрон за многумина во светот, но се’ уште постојат региони каде овој древен обичај, иако илегален, опстојува до денешен ден.
Еден од тие региони е Централна Азија, каде во 12 век, мајката на самиот Џингис Хан била киднапирана накратко после нејзиниот прв брак и била принудена да се омажи за идниот татко на славниот водач. Оваа стара практика била забранета за време на советската власт во регионот, но според повеќе меѓународни здруженија за правата на жените, повторно станала активна во последните децении. Локалните закони за забрана на вакви бракови даваат мешани резултати.
Неодамна, една адвертајзинг агенција и новински веб-портал најдоа морничав начин како да ја подигнат свеста за овој проблем во Киргистан – држава со 6 милиони жители лоцирана помеѓу Кина и Казахстан.
Киргистанскиот веб-сајт Kloop.kg и агенцијата Leo Burnett лансираа кампања која вклучува поставување на бели платна на различни локации низ главниот град Бишкек, кои треба ја симболизираат завесата „кошого“, позади која киднапираните жени се присилени да седат во домот на киднаперот. Притоа, платната се испишани со автентични сведоштва за киднапирање. Според кампањата, секоја 17-та девојка во Киргистан е жртва на киднапирање.
Овој проблем предизвика поголемо внимание во општата јавност во Киргистан кога неодамна, една 20-годишна девојка, оставена од полицијата сама во соба со човекот кој се обидал два пати да ја киднапира, беше брутално убиена со нож.
Обичајот на киднапирање „невести“ е илегален во Киргистан веќе пет години, но според кампањата, законот не се спроведува во целост. Во периодот од носењето на законот биле пријавени 895 случаи, од кои само 28 завршиле со обвиненија пред суд.