Организацијата за заштита на деца Sanrakshan.org од Сингапур трансформираше традиционална принт кампања во интерактивно искуство со цел да ја подигне јавната свест против сексуалното злоставување на деца.
Развиена од агенцијата Dentsu од Сингапур, кампањата посочува дека голем број од случаите на злоставување поминуваат незабележано и неказнето бидејќи децата се плашат да ги пријават, мислејќи дека е нивна вина, дека луѓето нема да им веруваат или, доколку злоставувачот е некоја блиска личност или познаник, не сакаат да го доведат во неволја.
„Сексуалното злоставување на деца е присутно насекаде, во сите општества, раси и религии. Сите држави имаат строги закони за заштита на децата, меѓутоа свесноста кај општата публика е минимална поради чувствата на дискомфорт, срам и вина. Темата се смета за табу. Време е да ја скршиме тишината и да кажеме нешто во врска со тоа,“ изјави доктор Вани Каре, основач на Sanrakshan.org, по повод новата кампања.
На прв поглед, постерите прикажуваат само неколку раштркани зборови кои навидум изгледаат како невина детска приказна, но откако тие ќе се скенираат со паметен телефон, се открива трагичен случај на сексуално злоставување. Пораката на камапањата е „Само поради тоа што не можеш нешто да видиш, не значи дека тоа не се случува.“
При појавувањето на целосната приказна, се појавуваат и опции за споделување на постерот, донирање кон организацијата или пак целосно спонзорирање на рехабилитацијата на некое злоставено дете.