Поради кражба на податоци, лажни информации и навредлив речник на социјалните мрежи, како и извештаите дека странски оперативци ги користеле нивните услуги, многу луѓе се скептични кога станува збор за предностите на социјалните медиуми, велат експертите.
За сето тоа , претставници на социјалните мрежи неколку пати мораа да сведочат пред Конгресот на САД.
“2018 беше тешка година, како за технолошките компании, така и за корисниците на нивните услуги”, изјави директорот за складирање на податоци на Lattice Work Inc., Пантас Сутарда.
Како што истакна, директорите на големите компании сведочеа и дадоа силно ветување на членовите на Конгресот дека ќе ги решат проблемите на хакирање на нивните системи, кои се уште не биле во можност да ги направат.
Најмогу се преиспитуваше работата на Фејсбук. Овој гигант меѓу социјалните мрежи беше критикуван по откривањето дека, поради слабиот надзор, една политичко-консултантска компанија ги злоупотребила податоците на милиони корисници.
Во пролетта оваа година, директорот на Фејсбук Марк Закерберг започна “турнеја на извинување”, како што кампањата иронично беше наречена од Американците, со цел да ги убеди корисниците дека компанијата во иднина подобро ќе ги заштитува нивните податоци.
Компанија од Калифорнија се соочи и со други проблеми кога податоците на корисниците беа компромитирани поради хакирање.
Фејсбук, исто така, беше остро критикуван кога лажните извештаи кои се појавија на мрежата, предизвикаа насилство во Мјанмар и Шри Ланка.
Поради откритието на пропустите на Фејсбук, некои корисници ја напуштија платформата и нејзините други услуги, како што е Инстаграм.
Некои членови на Конгресот на САД ветија дека во 2019 година ќе донесат федерален закон за заштита на податоци. Технолошките компании велат дека ја поддржуваат оваа иницијатива.
Меѓутоа, дали новите прописи ќе ја зголемат довербата во дигиталните услуги – останува да видиме.