Неодамна AdAge ја објави најновата анализа на глобалниот и американскиот пазар на огласување наречена “Marketing Fact Pack 2019“.
Според предвидувањата на агенцијата Зенит, во 2019 година вкупниот медиски буџет во САД (вклучувајќи и интернет) ќе изнесува околу 210 милијарди долари, што претставува зголемување од 2,9% во однос на 2018 година. На интернет огласување оваа година ќе бидат потрошени околу 87 милијарди долари, што претставува пораст од 11,5%, додека за телевизија ќе бидат издвоени нешто повеќе од 67 милијарди долари или 1,4% помалку во споредба со претходната година. Печатените медиуми ќе забележат намалување на буџетите за околу 8%, додека најмалку пари ќе бидат инвестирани во надворешно рекламирање околу 11 милијарди долари.
Кога станува збор за прогнозата на глобално ниво, агенцијата Group M најави дека очекува медиска потрошувачка на глобално ниво околу 563 милијарди долари, што претставува зголемување од 3,6% во однос на 2018 година. Поголем дел од парите ќе бидат наменети за интернет огласување, околу 235 милијарди и телевизија 203 милијарди долари. И на глобално ниво, печатените медиуми ќе забележат пад од околу 6%, а најмала сума пари ќе бидат потрошени на надворешно огласување.
Според извештајот на Group M, на глобално ниво, најголемиот рекламен пазар е Америка, која учествува со околу 35,4% од вкупниот глобален буџет, потоа Кина 16,5%, Јапонија 8,1%, Велика Британија 4,9% и Германија 3, 6%. Сите споменати земји ќе забележат раст на медиските буџети во 2019 година, при што најголем пораст ќе имаат Кина – 5,5% и Обединетото Кралство – 4,8%.