Франција сака да воведе 5% данок на продажба оваа година, додека Европската комисија ги повикува членовите да воведат унифициран данок од 3%
Франција застана на чело на глобалните настојувања за да се принудат мултинационалните технолошки гиганти да плаќаат фер даноци во поединечните земји во кои тие работат.
Имено, Франција зазеде цврст став и сака за почеток да се воведе данок на продажба од дури 5% оваа година, додека точните надоместоци ќе бидат утврдени на состанокот на францускиот парламент следниот месец, со оглед на тоа што сите мерки би се применувале ретроактивно за продажбата извршена од 1 јануари натаму.
Ако предлогот биде одобрен, мултинационалните компании со седиште во САД, како Нетфликс, Амазон и Епл, ќе бидат предмет на оданочување на нивните приходи, а не на добивката, со што ќе се стави крај на правна дупка која им овозможува на овие мултинационални компании да ги избегнат даноците со пренасочување на приходите во земји со пониски даноци, како што е Ирска.
Оваа мерка е многу подрастична отколку предлогот на британскиот министер за финансии Филип Хамонд, кој планира помал дигитален данок од 2%, кој би стапил на сила дури во 2020 година.
Во обид да формираат обединет фронт, Европската комисија предложи во секоја земја да се воведе данок на промет од 3%, но овој предлог не е прифатен од страна на сите земји-членки.