Индустријата за медицинска козметика во Кина изнесувала 9,7 милијарди долари во 2017 година, а новите прописи сигурно ќе имаат значително влијание врз оваа индустрија
Кинеската агенција за храна и лекови (CFDA) воведе нови прописи со кои им се забранува на брендовите да ги продаваат своите козметички производи како “медицински”, односно, во комуникацијата да тврдат дека производите носат медицински придобивки за корисниците.
Целта на овие регулативи е да се спречи распространетата практика на погрешно рекламирање во Кина и да се обезбеди усогласеност со меѓународните стандарди, пишува Jing Daily.
По донесувањето на новите прописи, кинескиот сајт за е-трговија Taobao, во сопственост на Alibaba, издаде предупредување за продавачите дека пребарувањето со терминот “медицинска козметика” ќе биде блокиран на нивниот веб-сајт. И други кинески компании за е-трговија, исто така, ги блокираа овие пребарувања.
Индустријата за медицинска козметика во Кина изнесуваше 9,7 милијарди долари во 2017 година, додека во 2013 година истата индустрија изнесуваше 3,4 милијарди долари. Се очекува дека овие регулаторни промени во голема мера ќе влијаат на оваа индустрија.
Новите закони ќе го усогласат пазарот со другите земји и ќе извршат притисок врз брендовите за да се осигураат дека преводот на јазикот и терминологијата се точни и ги следат насоките.