Осигурителните компании за моторни возила сакаат да се прикажат како заштитници на возачите, меѓутоа бенефитите најчесто се гледаат откако ќе се случи некоја несреќа. Водечката аргентинска осигурителна компанија La Caja Generali пронајде креативен начин како да ја пренесе својата порака за заштита, истовремено активно помагајќи им на возачите во процесот на возење.
Компанијата, заедно со агенцијата TBWA од Буено Аирес, поставија билборди чии светла навечер не ја осветлуваат рекламата, туку опасната кривина до која се поставени, зголемувајќи ја видливоста на патот и помагајќи им на возачите да ги избегнат потенцијалните опасности.
Агенцијата и компанијата оствариле соработка со аргентинската Национална организација за безбедност на патиштата со цел да се идентификуваат најопасните кривина во државата и да се постават билбордите на вистинските места.
„Моравме да ги идентификуваме најопасните кривини низ Аргентина и потоа да видиме дали е воопшто возможно да се постават билорди таму. Потоа моравме да откриеме колку треба да бидат големи тие билборди и како да се осветлат соодветно и под правилен агол за да не им пречат на возачите. Благодарни сме на Националната организација за безбедност на патиштата чија помош беше од огромно значење за нас,“ истакна Хуан Круз Казтерика, извршен креативен директор на TBWA\Buenos Aires.
Пораката на билбордите гласи: „Видливоста на оваа кривина е поважна од нашиот билборд.“ Кампањата е проследена и со соодветно промотивно видео кое се емитува на телевизија и онлајн.