Минатата година, Google, со користење на машинско учење и рачно скенирање, отстрани 2,3 милијарди несоодветни реклами кои не се во согласност со нивните правила за користење. Најчесто се работи за реклами кои на некој начин ги доведуваат во заблуда или ги искористуваат ранливите групи на корисници. Сепак, не се запре само на тоа. Компанијата, исто така, ги провери и сајтовите каде што се појавувале такви реклами и доколку се утврдило дека ја прекршиле нивната политика за прикажување, ги отстранувале од својата мрежа за приказ на реклами. Такви сајтови имало повеќе од 28 милиони. Покрај тоа, рекламите се отстранети и од 1,5 милиони апликации.
Новата политика за приказ на реклами (Ad Policy Manager) е најавена за април, каде што на сопствениците на сајтовите ќе им се дадат упатства како да избегнат прикажување реклами кои не се во согласност со политиката на Google.
Google посветува големо внимание на овој сегмент, бидејќи го носи најголемиот профит на компанијата. Само во последниот квартал, им донесе 32 милијарди долари, што претставува 83% од вкупниот промет на Google во тој период. Голем дел од оваа заработка се генерира преку популарните сервиси како што се Gmail, YouTube и пребарувачот. Иако активно работи на проверка на сите реклами, се случува овие несоодветни реклами некако да се “протнат” низ сите алгоритми и да им бидат прикажани на корисниците.
Сепак, иако бројката од 2,3 милијарди отстранети реклами е огромна, сепак е 1 милијарда помалку од рекламите што беа отстранети во текот на 2017 година. Намалувањето на бројот може да се протолкува на два начина – или имало помалку изнајмени реклами поради зголемената конкуренција на ова поле или Google направил поефикасен алгоритам за нивно откривање и отстранување. А можеби се работи за комбинација од овие две причини.
Помеѓу категориите вклучени во отстранувањето, значајно место заземаат фишинг рекламите кои ги имало речиси 59 милиони. Сепак, во текот на изминатата година, фокусот беше ставен на рекламите кои се користат за промовирање на страници на кои се манипулирани демократските процеси. Се работи за област која е внимателно проучувана. Google објави дека минатата година верификувале 143.000 реклами наменети за територијата на САД, во кои темата биле избори, но не беше наведено колку биле одбиени во оваа категорија. Според новата политика, бројот на такви реклами и кој стои зад нив, ќе биде објавен во иднина. Оваа политика ќе биде применета во ЕУ и Индија, каде што се планираат избори оваа година.