Денеска официјално започнува изборната кампања во пресрет на Претседателските избори кои треба да се одржат на 21 април (прв круг) и 5 мај (втор круг).
Кандидатот Стево Пендаровски кој доби подршка од владините партнери СДСМ и ДУИ подржан и од нивните коалициони партии, на изборите ќе настапи со слоганот “Заедно Напред“.
Во слоганот се чини се направи фузија на двата политички концепти за кои се залага самиот кандидат и партијата која е негов најголем подржувач, концептот на “едно општество“ и “обединетост“ и “решавање на горливиот спор за одење напред“, па претставува само континуитет на тоа што имавме прилика да го слушнеме од СДСМ и Владата во периодот додека е на власт.
Од досега објавените креативи може да се забележи дека во неговата комуникација значајно место ќе заземаат миксот од повеќе варијанти на сина и чиста виолетовата боја (која беше исто така доминантна во неговата претходна претседателска трка), додека пак слоганот ќе биде испишан на црвена позадина со бели букви со што неодоливо потсеќа на слоганот “Живот за сите“ што беше водечки за СДСМ во парламентарните избори од 2016-та година.
Кандидатката Гордана Сиљановска Давкова која е подржана од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во кампањата ќе го користи слоганот: “Правда за Македонија – татковината повикува“.
Истакнувањето на “Македонија“ во нејзиниот слоган беше очекувано бидејќи таа изминатиов период стана препознатлива како еден од политичарите кои најмногу го критикуваа Договорот од Преспа и промената на уставното име.
Во нејзината визуелна комуникација ќе доминира црвената боја, а на креативите присутно е и логото на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и елементи кои потсетуваат на партиското знаме и националните бои.
Третиот претседателски кандидат, Блерим Река кој е подржан од партиите БЕСА и АА, на изборите ќе настапи со слоганот “Река за Републиката“.
Златно-жолтата и сината боја ќе бидат доминантни на неговите креативи, а досега целата комуникација преку социјалните мрежи се одвива паралелно на Македонски и Албански јазик.
Иако официјалниот старт на кампањата е денеска, кандидатите не мируваа ниту во изминатиот период, каде речиси веднаш по нивните потврдени подршки од партиите започнаа со серија средби со граѓани и посети на повеќе населени места низ државата.
Од досега “емитуваните“ пораки се забележува дека покрај големите национални прашања, повторно и локалните теми нема да бидат заобиколени во настапите на кандидатите.
Остануваме будно да ја следиме кампањата и да видиме како ќе се развива комуникацијата на партиите и Претседателските кандидати.