Американскиот бренд за нутритивни јаткасти плодови NUT-rition, дел од групацијата Kraft Heinz, заедно со непрофитната организација Equal Rights Advocates, направија социјален експеримент со кој ја илустрираат неправедноста на родовата нееднаквост во платите преку различни големини на нивното пакување.
Имено, едното од пакувањата, со назнаката „Нејзино пакување“, е за 20% поголемо од другото пакување, кое е обележано како „Негово пакување“. Оваа родова нееднаквост во пакувањата предизвика остри реакции кај мажите, кои беа снимени од страна на скриена камера. „Се чувствувам злоупотребен“, „Се чувствувам дискриминиран“ беа дел од нивните коментари. Меѓутоа, во реалноста во САД, жените во просек добиваат 20 центи помалку за секој 1 долар кој го добиваат мажите.
„Ситуацијата не може да се реши преку ноќ, но секој глас и акција може да направи разлика,“ истакна извршниот продуцент Лаура Дерн, инаку актер во серијата Big Little Lies.
Поголемите пакувања на NUT-rition наменети „за неа“ ќе се најдат и во продажба низ американсктие маркети, а дел од приходите од нивната продажба ќе бидат искористени за финансирање на телефонска линија за пријавување на родова нееднаквост.