Приходите на технолошкиот гигант Facebook пораснале за 26% во првиот квартал од годината, достигнувајќи 15,1 милијарди долари, што е резултат подобар од очекуваниот, имајќи ги во предвид претстоечките предизвици со кои се соочува компанијата во однос на закани за дополнителна регулација и загриженост на јавноста околу злоупотребата на лични податоци.
Компанијата соопшти дека сепак „тргнале настрана“ 3 милијарди евра за исплата на потенцијални законски казни во врска со актуелната истрага за нарушување на личната приватност на корисниците на Facebook, која ја врши американската Комисија за федерална трговија.
Истоимената социјална мрежа на компанијата достигна просек од 1,56 милијарди корисници дневно, односно 2,38 милијарди корисници месечно. Сепак, и покрај овие бројки, компанијата се соочува со презаситување на нивните најпрофитабилни огласувачки пазари – САД и Европа. Растот на корисници на социјалната мрежа најмногу се остварува во земјите во развој, кои што се далеку помалку профитабилни.
Се’ повеќе од приходите на компанијата се остваруваат преку платформата за споделување фотографии Instagram, особено со растот на огласување преку функцијата “Stories”. Неодамна Facebook започна со тестирање и на производ за онлајн-трговија наречен Checkout, кој ќе им овозоможи на корисниците да купуваат во рамки на се’ повеќе растечката мрежа Instagram.
По објавувањето на извештајот, акциите на Facebook „скокнале“ за 5%, иако претходно имале раст помал од 1% на њујоршката берза.