После критиките за дозволување на хаштагови со кои брзо се шират лажни вести, компанијата Фејсбук одлучи да се справи со тоа во рамките на Инстаграм и да ги ограничи можностите за злоупотреба.
Проблемот дојде до израз откако се појавија тагови кои промовираат постови во кои се тврди дека “вакцините може да убијат”, па Инстаграм на прво место ќе ги блокира оние тагови кои шират дезинформации во врска со вакцинирањето, но подоцна ќе опфати и други неточни информации.
Така, веќе се блокирани хаштаговите како #vaccinescauseautism и #vaccinescauseaids, а сега се планира блокирање и оние кои не содржат конкретни информации, но се користат за ширење на лажни вести, како што се #vaccines1234.
Кога Инстаграм блокира некој хаштаг, веќе не е можно да се најдат оние содржини кои биле постирани во негови рамки, со кликнување на блокираниот хаштаг не се појавуваат никакви резултати, со што се спречува понатамошното ширење на лажни и злонамерни информации.
Покрај тоа, Инстаграм работи и на други начини за борба против лажни вести во ситуации кога некој корисник пребарува проблематичен хаштаг.