Како да се натераат компаниите како што е Фејсбук да не бидат собирачи на лични податоци на корисниците и да не растат премногу? Нобеловецот Пол Ромер за Дојче Веле вели дека решението е во дополнителен данок на приход од рекламите кои ги сервира Фејсбук
Американскиот добитник на Нобелова награда за економија Пол Ромер предизвика дебата кога минатата недела во текст за “Њујорк тајмс” предложи нов начин на кој интернет гигантите, како што се Фејсбук или Гугл, да се убедат за заштитата на податоците. “Нашите дигитални платформи можеби не се премногу големи за да пропаднат. Но, тие се премногу големи за да им се верува – и покрај повикот на шефот на Фејсбук Марк Цукерберг за ново законодавство и регулација – тие можеби се веќе премногу големи за да можат да се регулираат”, пишува Ромер.
Затоа тој вели дека наместо законски ограничување на овие компании, попаметно е да се воведат дополнителни прогресивни даноци на сите приходи од реклами кои користат таргетирање. Ова се реклами кои им се појавуваат на корисниците врз основа на нивните лични податоци – на пример, кога некој преку пребарувачот Google бара половен автомобил, ќе му се појавуваат реклами за половни автомобили.
“Вистинскиот вид на данок ќе ги поттикне овие фирми да се поделат на неколку независни ентитети, бидејќи тоа ќе ги намали вкупните даночни трошоци”, објаснува Ромер во интервјуто. “Важно е да се има предвид каков е влогот тука. Влогот е контрола на сите информации што ги користиме за да донесуваме одлуки во нашите животи, за да донесуваме одлуки од јавен интерес”.
Лажните вести и ширењето омраза на интернет го привлекоа вниманието и на политиката на Европската унија кон моќта која ја имаат технолошките гиганти. Затоа, барањата за регулирање на оваа област се се` погласни. Сепак, Ромер, кој ја доби Нобеловата награда за економија минатата година, не верува дека е можна ефикасна регулација и затоа се залага за данок.
“Да, тоа исто така може да донесе дополнителни приходи (за државните буџети), но тоа не е причина да се воведе таков данок. Целта на овој данок е да се обесхрабри однесување кое е штетно. Во најдоброто сценарио, данокот можеби нема да донесе никакви буџетски приходи, бидејќи компаниите ќе престанат да прават работи кои сметаме дека се штетни”, заклучува Ромер за Дојче Веле.