Откако сите фанови веќе го изгледаа големото финале, безбедно е да поразговараме за Game of Thrones, се разбира, без „спојлери“. Тема на нашиот денешен разговор е најголемиот Game of Thrones Cosplay натпревар во Македонија кој во неделата се одржа во просториите на Vip, под покровителство на Vip и HBO.
За соговорници ги имаме Виктор Милевски и д-р Ива Дујак од Brand Union, агенцијата одговорна за организирање на настанот, кои ќе ги споделат нивните искуства за тоа како изгледа да се организира настан за најголемата и во моментов најпопуларна серија во светот.
М365: Како ја добивте идејата за организација на Cosplay натпревар врзан токму за Game of Thrones?
Виктор: Соработката со Vip на тема Game of Thrones е дологорочна приказна на која cosplay-от дојде како логична завршница. Во изминатите години објавувавме информации за епизодите, доделувавме подароци, организиравме приватна проекција за фановите на Vip, а како големо финале дојде овој настан кој се одржа токму вечерта пред да биде објавена последната епизода на серијата. Сакавме да ја донесеме магијата на Game of Thrones во Македонија најдобро што можеме, а по реакциите на посетителите и публиката на социјалните мрежи, успешно го остваривме тоа.
М365: Кажете ни нешто повеќе за настанот?
Ива: Тргнавме од идејата дека сакаме да направиме нешто автентично кое на сите посетители ќе им овозможи да се почувствуваат како да се дел од Game of Thrones. Просторот го поделивме во два дела, првиот, ходникот на Vip Press центарот, беше претворен во крипта, реплика на криптата во која се случуваат некои од најважните разговори во целата серија.
Втората просторија беше уредена во стилот на легендардната „Red Wedding“, една од најпознатите епизоди по која Game of Thrones навистина почна да добива на величина. За да биде искуството уште пореално, ангажиравме бенд кој цела вечер ги свиреше во живо темите од серијата. Покрај 10-те финалисти косплеер и публиката на лице место, поради големиот интерес, за сите оние кои не успеаа да дојдат до влезници, целиот настан беше стриман во живо на Фејсбук страницата на Vip.
М365: Што сè подразбираше организацијата на еден ваков настан?
Виктор: Пред сè одлична соработка со клиент како Vip кој ти дава можност да работиш на омилената серија. :) Работевме во постојана координација со Vip и HBO со цел да овозможиме најреално искуство можно, но и да вклучиме сè во стандардите поставени од две толку големи корпорации. Организацијата подразбираше многу непроспани ноќи, свртени телефони, преместени реквизити, но дефинитивно беше супер позитивно искуство.
М365: Да се организира настан за косплеери и фанови на нешто толку големо не е лесна работа, стандардите и очекувањата се веќе многу високо поставени. Како бевте сигурни дека го направивте вистинскиот избор?
Ива: Потврдата ја дадоа првите гости на настанот, кои кога влегоа имаа краток момент на изненадување, тишина, и потоа одеднаш масовно вклучување на телефони, фотографирање и споделување со позитивни коментари. Дефинитивно не беше лесно, особено што и самите како фанови на серијата си бевме многу строги критичари, но среќни сме што имавме еден волку голем и убав предизвик пред нас и се радуваме на другите што следуваат.
Повеќе за настанот можете да погледнете во галеријата: