Производителите на обувки и нивните дистрибутери Adidas, Nike, Puma и Steve Madden, побараа од американскиот претседател Доналд Трамп веднаш да ги повлече обувките од списокот со стока произведена во Кина која подлежи на дополнителни царински мерки.
Трамп на 13 мај и наложи на администрацијата да покрене процедура за зголемување на царините на речиси сета стока увезена од Кина. „Предлогот за дополнителни 25% царина на обувки би било катастрофално за нашите купувачи, компании и целокупната американска економија“ се наведува во писмото на компаниите до Трамп и се додава дека не постои сомнеж дека дополнителните царини на увезените стоки ќе ги плаќаат американските потрошувачи .
Тие царински мерки ќе влијаат и на домаќинствата со пониски примања,се наведува во писмото.
Американските царини за стоките од Кина во вредност од 200 милијарди долари од неодамна се зголемени од 10% на 25%, што претставува нова ескалација во трговскиот спор помеѓу Вашингтон и Пекинг. Кина на тоа одговори со најава дека од почетокот на јуни ќе ги зголеми царините до 25% на американскиот увоз вреден 60 милијарди долари.
Исто така, Трамп нареди започнување на постапка за воведување на царини на уште околу 300 милијарди долари вредни преостанати кинески стоки. Ако биде одобрено, тие царини ќе стапат на сила веќе во наредните месеци, со што се стега обрачот околу Кина во нејзините веќе тешки трговски трансакции.