Неколку месеци пред Евровизија една новинарка ме праша – кои се вашите очекувања од Евровизија? Без размислување и одговорив – имаме победнички дух и одиме да и покажеме на Европа дека и во Македонија може да се создаде светски продукт. Можеби во тој момент и делував налудничаво и преоптимистички, земајќи ја во предвид нашата евровизиска историја, но ден по евровизиското финале ми пиша – не направивте горди! Никогаш не сум се чувствувала волку гордо во мојот живот.
Искрено, ни јас никогаш во животот не сум се чувствувал толку гордо. Знаев дека имаме одличен продукт и сите знаевме дека нашата тримесечна и макотрпна работа ќе резултира со успех, но ќе признаам, за време на гласањето минатата сабота, мислев дека срцето ќе ми излезе од возбуда. Не поради можната победа, туку поради тоа што докажавме дека и со минимален буџет, но со многу верба и добро планирање, можеме да им пркосиме на многу поголеми земји кои потрошија десет пати повеќе од нас и имаа тимови три пати поголеми од нашиот.
Иако некои можеби ќе кажат дека нашиот успех се должи на промената на нашето име и е своевидна награда од Европа за нашата послушност, јас со апсолутна сигурност ќе кажам дека нашиот успех се должи на три работи – добро стратешко планирање, многу креативност и беспрекорна тимска работа.
Од маркетиншки и ПР аспект, нашиот евровизиски продукт, ги следеше сите светски правила за успешно промовирање и градење на бренд.
- Целиот процес го започнавме со едно многу едноставно прашање – што всушност е Евровизија? Заклучивме една многу важна работа – Евровизија е многу повеќе од натпревар на песни. Евровизија е местото каде што се слави и наградува различноста. Тоа е место каде што се рушат општествените табуа и место каде што песната е дел од една многу поголема приказна и движење. Иако многумина претходно го започнуваа процесот со креирање на песна, ние одлучивме најпрвин да го дефинираме концептот, а потоа врз база на нашиот концепт да креираме и соодветна песна.
- Целиот концепт за нашиот евровизиски продукт го правевме во соработка со Тамара и таа беше вклучена во секој аспект на неговото креирање. Сепак Тамара е изведувачот и ни беше особено важно концептот природно да и легне наместо да е вештачки наметнат, нешто што многу често се случува особено кога агенција прави кампања за клиент. Разговарајќи со неа заклучивме дека најголемата промена во животот на Тамара се случува по раѓањето на нејзините деца. Разговаравме и за нејзината кариера и за сите работи што и се случиле, и позитивни и негативни, и врз база на тоа ги креиравме верувањето и целта на нашиот концепт – две клучни работи без кои не може да се замисли ниту една успешна маркетиншка кампања. Ние верувавме дека луѓето треба да го живеат животот според сопствените правила, а не од правилата поставени од другите. Многу поважно, нашата цел беше да ги инспираме луѓето да веруваат во својата големина и да се гордеат и со своите успеси, но и неуспеси.
- Со добро дефинираното верување, но и цел, заедно со Тамара, Роберт Билбилов, Дарко Димитров, Лазар Цветковски и Сања Поповска креиравме песна во која се слави гордоста, се слават индивидуалноста и различноста – песна со која може да се идентификуваат апсолутно сите. Многу поважно, креиравме песна со која Тамара емотивно беше поврзана и максимално го потенцираше нејзиниот неверојатен глас и талент.
- Со зацементирањето на нашиот концепт, прејдовме на следниот чекор – креирање на бренд движење, нешто што е многу важно, особено ако работите со мал буџет. Нашето бренд движење се темелеше на вистински луѓе и вистински приказни. Во видео записот режиран од Чедо Поповски, вклучивме жени и девојки со кои Тамара се гордее и кои ја направиле подобра личност. Вклучивме и жени кои ги рушат табуата во Македонија, жени кои го живеат животот според сопствени правила и не се плашат да го слават сопствениот успех и различноста. Ја вклучивме и ќерката на Тамара бидејќи на крајот од денот, ова е песна и за нашите деца – да го живеат животот според сопствени правила и да не се плашат да бидат тоа што сакаат да бидат. Вклучување на вистински ликови и приказни во видео записот им овозможи на гледачите на еден поинтимен и пемотивен начин да се поврзат со песната и да ја доживеат како песна испеана токму за нив – песна за сите нас.
- Ефектот на добро смислениот концепт и поинаков видео запис се почувствуваа веднаш по премиерата на 8ми март. Истата вечер десетици евровизиски фанови направија видео реакции на песната и кај повеќето реакциите беа исти – ежење и плачење. Реакциите продолжија до самиот евровизиски настап и помогнаа во промовирање на песната, особено на YouTube. Ова ни беше особено важно бидејќи немавме буџет за никаква онлајн промоција. Со нашето бренд движење, креиравме армија на амбасадори кои застанатаа позади Тамара и песната и ја промовираа песната и пораката онлајн, на свој индивидуален начин. Видео реакциите ми потврдија дека нашата работа како маркетинг експерти е само да ја зачнеме темата на разговорот, за веднаш потоа да се тргнеме и и да им дозволиме на нашите купувачи и фанови да ги изнесат своите мислења и да ја креираат нашата приказна на свој, индивидуален начин.
- Златното правило на нашиот евровизиски концепт беше – секогаш држи се до нарацијата и секогаш движи се по твојата линија. Темата на вистински приказни и вистински личности беше присутна од самиот старт па се до еврвозисикото финале и полуфинале, кога за време на инструменталниот дел од песната беа прикажани ликови на жени и девојки, кои се симбол на славење на различноста, но и гордоста. Нашите верувања и цел беа потенцирани во секоја наша комуникација и секое интервју на Тамара. –Верувај во сопствената големина – нашата цел, беше постојано комунициран од Тамара и од евровизискиот тим и многу поважно, секој од нас веруваше во нашата цел и сите дишевме во еден здив, што всушност ме води и до последната и најважната лекција од ова наше евровизиско патување.
- Интерната комуникација е клучна во успехот на секоја ваша кампања. Ако вашиот тим не верува во моќта на вашиот продукт, ако не е емотивно поврзан за него, тогаш ни најголемиот буџет на свет нема да ви биде доволен да креирате успешна приказна.
Она на што јас сум особено горд, е што во текот на целиот процес на креирањето на нашиот евровизиски пакет, секој член на тимот, стопроцентно веруваше во нашиот заеднички успех. Никој, никогаш, во ниеден момент не се посомнева во она што го правевме и три месеци сите дишевме во еден здив.
Нашата радост за постигнатиот успех не се должи само на одличниот евровизиски пласман, туку на тоа што докажавме дека со тимска и макотрпна работа, успехот е секогаш загарантиран. И да, особено сум горд на тоа!