Општеството и технологијата се менуваат побрзо од способноста на повеќето од нас да се прилагодиме на овие промени. Владимир Вулиќ, ко-основач на Digitalizuj.Me. и програмски директор на конференцијата Spark.me. во рамките на Фестивалскиот ден на Direct Media Академија на 30 мај во Мадленијанум, Белград, ќе зборува за преминот кон новиот вмрежан организациски модел кој промовира отвореност, заедничка работа и градење на односи.
Можете ли да ни ја приближите темата на вашето предавање на Direct Media Academy?
Живееме во време во кое економските, технолошките и општествените сили ја деградираат хиерархијата и бирократијата и доведуваат до тоа општеството и технологијата да се менуваат побрзо од способноста на повеќето компании да се прилагодат. Денешните лидери се соочуваат со светот во кој некогаш иновативните компании одвај успеваат да преживеат, а бизнис моделите, кои биле успешно тестирани со децении, да станат застарени преку ноќ. Можеме да ја обвинуваме технологијата, интернетот, социјалните медиуми или навиките на помладите генерации, но ништо од тоа нема да ја промени реалноста и нема да им обезбеди успех на компаниите во иднина. Управувањето со денешните компании сè уште се потпира на управувачкиот модел создаден во времето на процут на масовно производство кој се зснова на стандардизација, ефикасност и контрола.
Гери Хамел, еден од најпознатите менаџмент мислители во светот, со право истакнува дека “денешните компании имаат бизнис процеси од 21 век и менаџмент процеси од 20 век, кои се засновани на менаџмент принципи од 19 век”. Не ни чудно што менаџерите се повеќе се фрустрираат од резултатите кога се обидуваат да управуваат со современи, дигитални компании користејќи менаџмент оперативен систем кој датира уште од периодот на печатарската преса. Крајно време е за револуција во менаџментот – потребен ни е нов оперативен систем за бизнис, кој ќе им овозможи премин од стариот модел на команда и контрола во нов вмрежен организациски модел кој промовира отвореност, заедничка работа и градење односи. Моето предавање на Direct Media Academy ќе се однесува на процесот на дигитална трансформација, како еден од најважните катализатори во еволуцијата на бизнисот.
Како денес изгледа глобалниот бизнис екосистем? Кој опстана, кој исчезна, а кој преживува?
Просечниот животен век на компаниите драстично се намали во последните неколку децении. Додека во 1958 година изнесуваше 57 години, во периодот до 2016 година, кога се направени последните споредби, просечниот животен вак на компаниите се преполови и изнесуваше само 24 години. Како изгледа тоа во пракса? Доволен е податокот дека повеќе од 70% од американските компании кои пред само една деценија се наоѓаа на листата од 1.000 најголеми компании, денес веќе не се на таа листа. Покрај тоа, се проценува дека една третина од јавните компании (кои се појавуваат на берза) ќе исчезнат во следните пет години! За жал, немаме податоци за регионот, а краткиот преглед на деловната клима ни кажува дека ситуацијата не е многу поинаква. Тоа се шокантни податоци кои не смееме да ги занемариме и кои јасно укажуваат на фактот дека начинот на кој компаниите работеле досега, не само што не е доволен за успешен бизнис и остварување раст, туку дека и не е доволен ниту за опстанок.
Она што е заедничко за успешните компании на денешницата е што успеваат да ги препознаат промените на пазарот, без оглед на тоа дали тие доаѓаат како резултат на појава на нова технологија, промени во очекувањата на клиентите или новововедени правни регулативи, односно што се организирани на начин во кој се менуваат во континуитет во согласност со истите. Џим Колинс, автор на бизнис бестселерот “Built to Last“, со право истакнува: “за да бидете изградени за да траете (Built to Last), мора да бидете проектирани да се менувате (Built for Change).”
На скала од 1 до 10, колку би го оцениле стресот на денешниот менаџер во исполнување на предизвиците на дигиталната ера?
Неминовно работиме во сложено, динамично и турбулентно деловно опкружување кое се менува побрзо од било кога. Меѓутоа, доколку ситуацијата на пазарот во еден момент ја споредиме со било кој претходен период, ќе видиме дека тоа отсекогаш било случај – интензитетот на промените отсекогаш бил поголем отколку порано. Од друга страна, доклку прашате било кој менаџер и во било кој момент, да го процени нивото на стрес кој го чувствува во пресрет на предизвиците на тоа време, одговорот секогаш ќе биде 10. Луѓето се ирационални суштества, живеат во моментот, имаат тенденција да ги сметаат нивните проблеми за најтешки, а во исто време не можат да предвидат што ќе им донесе иднината и како ќе реагираат на промените. Еден дел од мојот говор на Direct Media Academy ќе се однесува за стресот кој го доживуваат менаџерите денес, со фокус на искуствата на менаџерите од регионот. Но, како што младите знаат да кажат, да не изнесувам “спојлери”, ќе го оставам тој дел за самото предавање. :)
Што е она што е застарено во денешниот начин на кој управуваме со компаниите?
Управувањето со денешните компании сè уште се заснова на принципите на управување од 19 век – се потпираме на модел на менаџмент кој беше создаден во времето на процут на масовното производство и кој се засноваше на стандардизација, ефикасност и контрола. Сликовито кажано, ние се обидуваме да управуваме со дигиталните компании во 21-от век користејќи оперативен систем кој се базира на системот на производствени линти! Доколку, сепак, ја препознаат потребата за промена, организациите во најголем дел се обидуваат да применат современи методи на работа и технологии на системи кои по својата природа се традиционални, гломазни и крути, задржувајќи ја традиционалната организациска култура и начинот на комуникација внатре во компанијата. Во такви ситуации, се создава еден вид на когнитивна дисонанца во работата на самата компанија, која во најдобар случај функционира преку современ начин на работа на хартија, додека во реалноста се случува нешто друго, или во најлош случај, се соочува со колапс на системот кој не успева да ја изнесе работата до крајот поради недоволно дефиниран систем на работа. Поради оваа причина, јас верувам дека на патот на дигиталната трансформација, првиот чекор е промена на начинот на размислување, а ова често e токму она што е најтешко да се промени. Современите методи на работа бараат промена на парадигмата не само кога станува збор за технологијата, туку и во начинот на организирање на работата и процесите во рамките на компанијата. Вработените треба од улога на оние кои извршуваат наредби, да ја преземат улогата на рамноправни креатори на вредности, додека комуникацијата со сите заинтересирани страни треба да биде врз основа на слободниот проток на информации и соработка.
Кои се клучните карактеристики на новиот организациски модел на 21 век?
Иако постојат одредени принципи на кои новиот организациски модел работи, како што се флексибилност, транспарентност, колаборација и фокус на градење на односи, важно е да се напомене дека, повеќе од кога било, не постои “еден најдобар начин” за извршување на работата. Менаџмент принципите кои важат во една успешна компанија, воопшто не мора да бидат применливи во друга успешна компанија, дури и во рамките на истата индустрија. Така, на пример, Amazon (најголемата американска интернет продавница) ги применува принципите на строга централизација и хиерархија, додека Automattic (кој го креираше најпопуларниот онлајн сервис за хостирање на веб-сајтови кои ја користат платформата WordPress) користи вмрежен организациски модел кој промовира отвореност, заедничка работа и градење на односи. Сепак, она што е заедничко за сите компании е што се соочуваат со предизвикот на дуализмот – неопходно е ефикасно да функционираат во сегашноста, а во исто време ефективно да иновираат за во иднина. Односно, да знаат како да управуваат со иновации и да се прилагодат на промените во околината.
Кои квалитети и вештини треба да ги поседува еден маркетинг, адвертајзинг или комуникациски професионалец во новата ера на комуникација?
Голем број работилници, книги и предавања денес се фокусираат на техничките аспекти на дигиталниот маркетинг. Она што нас нè учат е како технологијата функционира и на кој начин можеме да ги искористиме, во техничка смисла, за да ја достигнеме целта – тие нè учат дигитал. Она што не нè учат е како да им пристапиме на луѓето – не нè учат маркетинг. Повеќе од кога било, еден успешен маркетинг, адвертајзинг и комуникациски професионалец мора да ја познава психологијата на луѓето – на кој начин размислуваат и како донесуваат одлуки. Само така ќе можеме да креираме кампањи кои ќе бидат во состојба да допрат до срцата на луѓето. Бидејќи, ќе научиме како се поставува реклама во Google мрежата, ќе успееме и да ја пласираме до идентификуваната целна публика. Прашањето останува – што потоа?
Исто така, во денешниот свет на постојани промени, љубопитноста е една од најважните карактеристики, поради тоа што ни отвора нови можности во кариерата и во животот. Кога ќе престанете да учите, почнувате да “изумирате” – истиот принцип важи и за поединци, компании, градови и држави. Но, особено за оние кои со својата работа настојуваат да пронајдат нови начини да го привлечат вниманието на публиката и да изградат лојалност кај иститата и чиј успех ќе зависи од идентификацијата и разбирањето на новите форми на однесување на клиентите.
За Владимир Вулиќ
Првото нешто што Вања го открива за себе е дека неговите супер-сили се неисцрпната енергија и ентузијазам. Работи како консултант во областа на менаџментот, иновациите и социјалните медиуми. Досега својата доверба му ја поклониле компании како Кока-Кола (Serbian Operations), Roche Србија, црногорски Телеком (дел од групата на Дојче Телеком), Ерсте банка Србија, Delhaize Србија, GRAWE осигурување, Триглав осигурување, Direct Media Црна Гора, УНДП Црна Гора, Владата на Црна Гора, Лабораторијата на УНИЦЕФ за иновации за млади “Kreaktivator”, Британската амбасада во Белград … листата оди во недоглед! Ко-основач е на Digitalizuj.Me, невладина организација создадена за да им помогне на граѓаните и организациите во Црна Гора да ги разберат и да ги искористат возбудливите можности за социјалните промени и бизнис во дигиталното опкружување. Тој е програмски директор на конференцијата Spark.me, една од најголемите маркетинг-конференции во Југоисточна Европа. Има 12 години искуство како предавач по Стратешки менаџмент на Економскиот факултет во Подгорица. Зборувал на конференции во 20 земји на четири континенти, од Перу до Тајван. Бил TEDx говорник два пати. Темите за кои зборува се стратегија, управување со иновации и промени, лидерство и претприемништво.