Бургер Кинг е водечкиот бренд за брза храна во Турција со преку 650 ресторани ширум државата, но еден град останал изоставен – Синоп.
Некои од граѓаните на Синоп решиле да го изразат своето незадоволство што немаат Бургер Кинг во својот град на социјалните медиуми. Но, наместо да отвори свој ресторан и таму, Бургер Кинг се реши да направи нешто сосема поразлично – на секој од незадоволните граѓани им испрати мини-скара на жар за да можат сами да си прават сендвичи.
Кампањата, насловена „Mini Flame Grill“ е реализирана во соработка со агенцијата VMLY&R Istanbul. Малите скари на жар се брендирани со логото на Бургер Кинг и изгледаат како кутија за Whooper (главниот бургер на Burger King).
Како дел од кампањата беше создадена и серија на хумористички видеа кои прикажуваат човек со дебели мустаќи кој ја употребува мини-скарата на различни локации – во канцеларија, во автомобил и во кану – и притоа чита дел од коментарите на социјалните медиуми напишани од незадоволните граѓани на Синоп.
Кампањата предизвика огромно внимание во Турција, а самите видеа достигнаа преку 2 милиони прегледи. Наскоро и остатокот од државата почна да бара вакви скари, па Бургер Кинг мораше да произведе уште 500 парчиња за да им излезе во пресрет и на тие фанови.