Веќе подолго време познато дека технолошкиот гигант Facebook работи на својата криптовалута, а според последните најави таа ќе биде лансирана уште овој месец.
Новата криптовалута на Facebook со име Libra воопшто нема да биде слична на Bitcoin-от, моментално најпопуларната криптовалута во светот, така што пропаѓаат плановите на сите оние кои што мислеа дека ќе инвестираат во неа и ќе чекаат само таа да „скокне“.
Имено, вредноста на Libra ќе биде врзана со вистинска валута, американскиот долар, што значи дека ќе има постојана вредност. Libra ќе биде достапна за употреба онлајн преку апликациите на Facebook, но и на други места доколку така одлучат поедини трговци и компании.
Она што е особено интересно е што Facebook ќе ја отстапи контролата врз криптовалутата на надворешна фондација составена од повеќе финансиски институции и технолошки компании. Оваа одлука следи по јавната загриженоста дека со новата криптовалута, Facebook ќе има пристап до уште почувствителни лични податоци за своите корисници.
Facebook активно соработува со владите ширум светот за одобрување на криптовалутата и за заеднички напори во спречувањето на можни проневери. Новата криптовалута особено ќе ги таргетира земјите во развој, чија национална валута е понестабилна. Facebook планира да инсталира и банкомати за својата нова криптовалута.
Компанијата ќе ги плаќа своите вработени кои работат на Libra директно со новата криптовалута, доколку тие изберат така.
И покрај големата возбуденост во Facebook за лансирањето на Libra, особено забележлива кај основачот Марк Зукерберг, се шират и шпекулации дека Шерил Сандбер, генералниот оперативен директор, и Дејвид Венер, генералниот финансиски директор, ја изразиле својата резервираност во однос на проектот.