Вечерва заврши 66-то издание на меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions. На последната и централна наградна церемонија за овогодинешното издание на фестивалот беа доделени награди во категориите “Communication Track” и “Good Track”, односно специјалните награди за најдобрите агенции, огласувачи и индивидуи за годината.
За наградите во поткатегоријата Film Lions се пријавиле вкупно 2,793 кампањи, а 77 од нив беа наградени: 1 Grand Prix, 11 златни, 28 сребрени и 37 бронзени награди. Grand Prix наградата ја освои агенцијата Droga5 од Њу Јорк за кампањата “The Truth is Worth It” за New York Times, која го презентира соочувањето со опасностите и предизвиците, храброста и одлучноста на новинарите со цел да стигнат до вистината. Претходно, кампањата ја освои и Grand Prix наградата во поткатегоријата “Film Craft”.
Во поткатегоријата “Glass: The Lion for Change” се пријавиле 193 кампањи, а доделени беа 8 награди: 1 Grand Prix, 1 златна, 2 сребрени и 4 бронзени награди. Добитник на Grand Prix наградата е агенцијата VMLY&R POLAND од Варшава, за кампањата “The Last Ever Issue” за клиентите Gazeta.pl / Mastercard / BNP Paribas, здружувајќи ги компаниите да го купат еден од најпопуларните магазини за возрасни во Полска за потоа да го затворат.
Во поткатегоријата “Sustainable Development Goals Lions” се пријавиле вкупно 834 кампањи, а беа доделени 22 награди: 1 Grand Prix, 3 златни, 7 сребрени и 11 бронзени награди. Grand Prix наградата беше доделена на агенцијата Clemenger BBDO од Мелбурн, за кампањата “The Lion’s Share” за Mars Australia – иницијатива за собирање средства за заштите на дивите животни, која што од огласувачите барала да донираат по 0.5 центи за секое емитување на слика од диво животно во реклама.
За наградите во поткатегоријата “Titanium Lions” се пријавиле 171 кампањи, од кои една ја добила Grand Prix наградата, а пет добиле „титаниумски лавчиња“. Престижната Grand Prix награда беше доделена на агенцијата FCB New York за кампањата “The Whopper Detour” за Burger King, во која на фановите на Burger King им беше овозможено да нарачуваат сендвичи за само 1 цент доколку го направат тоа преку мобилна апликација во радиус од 200 метри од ресторан на најголемиот конкурент McDonald’s. Ова е трета Grand Prix награда за оваа кампања, откако ги освои и во поткатегориите “Mobile” и “Direct”.
За „Агенција на годината“ беше прогласена Wieden+Kennedy од Портланд, САД. На второ место де најде McCann од Њу Јорк, додека пак третото место му припадна на Droga5 од Њу Јорк.
За „Агенциска мрежа на годината“ беше прогласена McCann Worldgroup, додека пак на второто и третото место се најдоа DDB Worldwide и FCB.
Наградата за „Независна агенција на годината“ отиде кај Wieden+Kennedy од Портланд, Droga5 од Њу Јорк ја доби втората награда, а JOHN X HANNES од Њу Јорк ја доби третата награда.
Титулата „Холдинг компанија на годината“ ја доби Omnicom, по која следеа Interpublic Group и WPP.
„Златната палма“ која се доделува на најнаградуваната продукциската компанија му припадна на Park Pictures од САД. Во потесниот избор се најдоа и Hungry Man (САД), Somesuch (Обединето Кралство), Buck (САД) и Biscuit Filmworks (САД).
За „Креативен бренд на годината“ беше прогласен Burger King, зад кој се најдоа Nike и IKEA.
Apple беше прогласен за „Креативен огласувач на годината“.
Помошник генералниот секретар на Обединетите Нации, Фумзиле Мламбо-Нгкука, ја доби наградата “Cannes LionHeart” за најзините напори во зголемувањето на правата на жените ширум светот.
Во чест на нивниот придонес кон креативната индустрија, основачите на Goodby Silverstein & Partners, Џеф Гудби и Рич Силверстајн, ја добија наградата „Лавот на Св. Марко.“
Grand Prix наградата за Добро, која се доделува за непрофитни и добротворни кампањи, беше доделена на McCann New York за кампањата “Generation Lockdown” за March For Our Lives. Истата кампања претходно доби три награди во категоријата “Film” (златна, сребрена и бронзена), златна награда во категоријата “Social & Influencer” и една сребрена награда во категоријата “PR”.
Рефлектирајќи се на овогодинешното издание на Cannes Lions, менаџинг-директорот на фестивалот, Симон Кук, изјави: „Беа извонредни пет дена – навистина глобална прослава на најдобрите креативни проекти кои ќе бидат почеток на фантастични патувања за многумина. Ова истовремено беше и собир на најбрилијантните умови од широкиот спектар на индустријата. Од дискусиите и произлезените теми, јасно е дека се наоѓаме во екот на возбудливи промени – одржливост, културни врски, полова еднаквост, бренд вредности, еволуција во раскажувањето приказни, одговорен конзумеризам – сето тоа се жешки теми. Како што завршуваме со Фестивалот, сакаме да посочиме дека со нетрпение чекаме да ги продолжиме овие дискусии и следната година и да го видиме напредокот кога повторно ќе се сретнеме во 2020.“