Малите огласи во дневните весници во кои родителите не се откажуваат од своите деца поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет, предизвикаа јавен интерес во Србија и во регионот.
Гордана Перуновиќ Фиат, мајка чиј оглас се појави во еден од дневните весници, вели: “Не би се откажала од своите деца, не би се откажала од моите пријатели, не би се откажала од своите родители, јас не би се откажла ниту од соседите. Навистина не знам зошто би го сторила тоа. Зошто би се откажала од некого затоа што сака некој? Да се откажам од своето дете заради љубов? Па не сме во времето на Ромео и Јулија, многу работи се сменија оттогаш.“
Кај нас честопати можете да ја слушнете фразата “Ќе се одречам од тебе во весник!” која има свое упориште во реални ситуации. Така, во дневните весници можат да се прочитаат мали огласи во кои родителите и членовите на семејството се откажуваат од своите законски роднини од голем број на причини, поради долгови, неприфатливо однесување, алкохолизам, наркоманија … За жал, се уште е честа појава за родителите да се откажат од децата поради нивната сексуална ориентација и родов идентитет.
Еден од најтешките моменти за ЛГБТ + популацијата е откривањето на својата сексуална ориентација на блиските, токму поради стравот од одбивање. Здружението “Да се знае!“ започна кампања со цел поддршка во најтешките моменти од животот на овие лица.
“Сакаме да испратиме порака до сите родители и семејства да ги поддржат своите ќерки, сестри, браќа, синови, внуци и да не се плашат, затоа што ние доволно долго се плашевме”, изјави Драгослава Барзут, извршен директор на здружението “Да се знае” .
Малите реклами беа напишани од самите родители како дел од кампањата креирана од агенцијата McCann Белград. Иницијативата “Не се откажувам” беше поддржана од бројни јавни личности, организации, како и граѓани.
“Луѓето отворено зборуваат за својата сексуалност во кругот на своите пријатели, каде што имаат поддршка и разбирање, но кога станува збор за членовите на семејството, особено родителите, оваа поддршка честопати изостанува.Сакавме да го разбиеме овој културолошки код и со убави теми како што е љубов, да почне да се зборува токму таму каде што љубовта прво се учи и се чувствува – во семејството”, вели Александар Милојевиќ, стратешки планер на McCann Белград.
Родителите ги поддржаа децата со овој симболичен чин, но исто така дадоа пример и на другите родители дека поддршката во семејството е важна. Гордана Перуновиќ Фијат порачува дека е потребно нешто да се направи за да се намали насилството, а родителите да бидат на страната на своите деца кога и каде и да можат. “Се разбира дека е тешко да се биде на страната на криминалец или насилник, но родителите често не се откажуваат од таквите деца, туку се откажуваат од дете кое сака некој или се чувствува поинаку. Пораката до децата е да бидат она што се, да му покажат на овој свет како да се сака и како се прават добри работи и да не се откажуваат “, заклучува Гордана.
Иницијативата “Не се откажувам” ќе се продолжи преку разни активности насочени кон едукација на општеството и охрабрување на родителите да ги прифатат своите деца со различна сексуална ориентација и / или родов идентитет.