Можност за филмаџиите да склучат зделки со најголемите светски продукциски куќи
Настанот посветен на ТВ-индустријата, New Europe Market Загреб (NEM Загреб) за прв пат ќе се одржи во Загреб во хотелот „Еспланаде Загреб“ од 11 до 13 декември 2019 година. За разлика од веќе познатиот NEM Дубровник, најголемиот ТВ маркет во регионот на Централна и Источна Европа, кој тематски ја опфаќа целата ТВ индустрија, NEM Загреб во текот на три дена богата програма ќе се фокусира на креирање ТВ и филмска содржина.
Покрај панел дискусиите, презентациите и проекциите на ТВ сериите, NEM Загреб вклучува и неколку новости, меѓу кои е и конкурс за избор на најдобро сценарио на серија (scripted) и формат (unscripted). Од пријавените во секоја категорија, жирито ќе избере 20 сценарија чии автори ќе се сретнат со водечките луѓе на најпознатите светски продукциски куќи на NEM Загреб, а најдобрите 6 сценарија од обете категории ќе бидат претставени во голема сала пред сите учесници. По едно најдобро сценарио во секоја категорија ќе биде наградено со парична награда од 5.000 евра.
„После неколку успешни години на NEM Дубровник, сакаме да се посветиме на создавање ТВ содржини во Хрватска, но и пошироко. Нашата земја е преполна со луѓе со одлични идеи и сакаме на NEM Загреб да им понудиме платформа на која ќе ги реализираат тие идеи. Се подготвуваме за голем број пријави и ги покануваме сите креативци да се вклучат во натпреварувањето и да ја искористат можноста да склучат зделка од соништата“, изјави Сања Божиќ-Љубичиќ, директор на компанијата Mediavision, организатор на NEM Загреб.
Ексклузивните проекции на локални и меѓународни продукции ќе бидат проследени со разговори со авторите и креативците кои работеле на ТВ сериите, а посебен простор ќе им се даде на домашните независни проекти. Богатата програма на NEM Загреб има за цел ширење знаење за најдобрите практики за создавање содржина, а желбата за ваков вид настани е да се овозможи создавање на дистрибуциски канали и да се зголемат инвестициите во овој дел од индустријата. Една таква практика за која ќе се дискутира е можноста за копродукција на европско и регионално ниво како начин за создавање квалитетен и глобално конкурентен производ. На тој начин, NEM Загреб ќе ги собере на едно место оние што сакаат да се едуцираат за креирање содржини, како и оние кои донесуваат одлуки во ТВ-индустријата, се` со цел поттикнување на креативноста во креирањето ТВ-проекти.
Некои од стотиците најголеми компании кои досега учествувале во NEM Дубровник и кои се очекуваат во NEM Загреб досега се BBC Studios, ITV Sudios Global Entertainment, Sony Pictures Televison, Global Agency, Fremantle, yes Studios, Viacom International Studios, CBS Studios International, Warner Bros и многу други.
NEM Загреб настана поттикнат од големиот успех на NEM Дубровник, кој веќе 7-ма година ги носи водечките експерти од ТВ-индустријата во регионот на Централна и Источна Европа и служи како успешна платформа за дискутирање на најактуелните теми. NEM Дубровник е познат како ТВ маркет со најубав поглед, а истиот впечаток нема да недостасува ниту на NEM Загреб, кој се смести во главниот град на Хрватска, чиј Адвент веќе три години по ред е препознат како најубав во Европа.
„Загреб е волшебен во декември и тоа е дефинитивно една од причините зошто се одлучивме за тој град во тоа време. Сигурни сме дека нашите гости кои доаѓаат од целиот свет ќе уживаат како во NEM Загреб, така и од настаните на улиците во Загреб“, додаде Сања Божиќ-Љубичиќ.
За повеќе информации за настанот, посетете ја веб-страницата на NEM Загреб.