Италијанската модна куќа Версаче ѝ се извини на Кина поради продажба на маички со погрешни ознаки на градовите
Ова дојде поради тоа што компанијата беше критикувана за „оспорување на територијалниот интегритет на Кина“.
На етикетите на некои маички, Хонг Конг и Макао беа погрешно обележани како држави. Овие две поранешни европски колонии беа вратени на Кина кон крајот на 90-тите години.
Откако една амбасадорка на брендот од Кина го раскина договорот со италијанската компанија, велејќи дека „облеката му штети на кинескиот суверенитет“, Версаче објави дека маиците се повлечени од продажба и уништени.
„Се работи за невнимание од страна на нашата компанија и длабоко се извинуваме“, изјавија од Версаче, и додаваат дека“ ја сакаат Кина и ги почитуваат кинеската територија и суверенитет“.
Версаче не е првата странска компанија која се најде во ваква ситуација. Кина веќе изврши притисок врз меѓународните авиокомпании и другите компании да пишуваат „Хонг Конг, Кина“, а не само „Хонг Конг“.
Хонг Конг и Макао се полу-автономни територии на Кина, со одделни идентитети.