Автор: Силвија Ковачиќ, silvija.kovacic@marketing365.mk
_____
Фернандо Макадо (маркетинг директор, Бургер Кинг), Сер Мартин Сорел (извршен директор, С4 Капитал) и Ричард Еделман (претседател, Еделман) се само некои од звучните имиња
Прогласена за најдобра конференција во светот од страна на „Форбс“, Web Summit годишно собира повеќе од 10.000 индустриски гиганти, 1.200 предавачи и 70.000 учесници, што ја прави една од најголемите во светот. Португалскиот град Лисабон веќе четврта година по ред, во периодот од 4 до 7 ноември 2019 година ќе стане средиште на случувањата кои ги диктираат трендовите.
Организаторите ветија дека ќе го прошират овогодинешниот концепт со голем број новитети, а досега се најавени повеќе од 500 предавачи, вклучително и извршни и маркетинг директори на водечки глобални брендови како што се Фернандо Макадо, маркетинг директор на Бургер Кинг, под чие раководство Бургер Кинг стана огласувач на годината на фестивалот во Кан Лионс во 2017 година; Сер Мартин Сорел, извршен директор на S4 Capital и „татко“ на мултинационалниот маркетинг гигант – компанијата WPP; Ричард Еделман, претседател и извршен директор на најголемата светска, повеќекратно наградувана компанија за односи со јавноста; Сузан Кредл, глобален креативен директор на агенцијата FCB и една од иконите на креативниот свет, како и Гуо Пинг, претседател на управата на компанијата Хуавеи.
Несомнено, годинава Web Summit ќе ги покрие темите кои влијаат врз иднината на маркетингот и ќе им овозможи на посетителите можност за професионален развој, вмрежување, склучување нови деловни можности и откривање на свежи перспективи, како и развој на нови идеи.
Редовните цени за котизација кои се движат од 850 до 24.850 евра важат до 12 септември, а за повеќе информации посетете ја страницата www.websummit.com.