Преку делење еколошки моливчиња на првачињата од ОУ „Аврам Писевски“, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев испратија симболична порака дека подигнување на свеста за животната средина најдобро може да се постигне преку воспитно образовниот процес.
Со поддршка на „Пакомак“ на десет илајди првачиња им беше подарен најтраен подарок – еко моливи кои носат семиња од различни градинарски растенија и кога ќе ги потрошат, ќе можат да ги засадат и од нив некој ќе има домат, рузмарин…, во зависност од семето.
„Ова е типичен пример за засадување и чување на иднината и се надевам ќе следат и други и содржини и еколошки акции со кои заедно со Министерството за образование ќе настапиме пред најмладите“, изјави Макрадули.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираа дека училиштето „Аврам Писевски“ не е случајно избрано, бидејќи минатата училишна година било шампион во собирање на пластичен отпад и дека претставува добар пример како од најрана возраст се учи како се штити и чува планетата.