Уште откако постои, компанијата Амазон прво го наруши малопродажниот пазар со тоа што беше една од првите што понуди онлајн купување. Неодамна, компанијата исто така се обиде да ја наруши индустријата на супермаркети со своите продавници Amazon Go, кои немаат каса, туку само сензори кои детектираат што сте зеле и наплатуваат преку Амазон сметката на купувачите.
Гигантот за е-трговија сега се чини дека има план да влезе и во индустријата за плаќања, според извештајот на Њујорк Пост кој тврди дека компанијата тестира систем наречен „Орвил“ за скенирање на дланки, што ќе ја елиминира потребата за плаќања во готовина или со кредитни картички. Како што пишува Engadget, компанијата ги користи своите вработени во Њујорк како “заморчиња“ преку инсталирање на систем на вендинг машини за чипови, газирани пијалоци и полначи за телефони во нивните канцеларии.
За разлика од повеќето биометриски системи кои ви бараат да ја допрете површината на скенерот, верзијата на оваа технологија на Амазон не бара физички да допрете до кој било уред. Компанијата користи технологија на компјутерски вид и геометрија за да ја идентификува големината и формата на вашата дланка пред да ги земе парите од кредитната картичка што претходно сте ја поврзале со вашата Амазон сметка.
Засега, Amazon очигледно ја усовршува технологијата, така што прецизно може да ја зголеми точноста на системот пред неговото лансирање. Амазон одби да го коментира извештајот, само изјавувајќи дека не коментираат гласини или шпекулации.
Не е јасно зошто Амазон е заинтересиран за таков систем, но Мајд Максад, извршен директор на веб-страницата за лични финансии Status Money, за Њујорк Пост вели: „Луѓето имаат тенденција да трошат повеќе кога немаат чувство дека допираат нешто опипливо како пари. Корисноста на парите станува минлива“.