Фестивалот се организира во соработка со медиумската мрежа „Ал Џезира“ и Медиумскиот институт „Ал Џезира“, за афирмирање на авторите и документарните филмови кои се занимаваат со општествени феномени
„Ал Џезира Балканс“, организатор на Меѓународниот фестивал за документарен филм „AJB DOC“, и оваа година на љубителите на тој вид филмски жанр ќе им пружи можност да погледнат широк спектар на приказни, жанрови, теми и вештини на правење филмови. Второто издание на Филмскиот фестивал „AJB DOC“ ќе се одржи од 20 до 24 септември во Сараево, а на него ќе бидат прикажани 23 документарни филмови, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа телевизиска компанија Фестивалот го организира во соработка со медиумската мрежа „Ал Џезира“ и Медиумскиот институт „Ал Џезира“, со цел афирмирање на авторите и документарните филмови кои се занимаваат со општествени феномени, ставајќи ги во фокус универзалните човечки вредности: храброста, вистината, праведноста, толеранцијата и космополитизмот.
Набргу по објавувањето на поканата за учество на Вториот филмски фестивал „AJB DOC“, се одзваа автори од целиот свет, и во фестивалската база беа пријавени над 400 филма од 21 земја.
„Сите филмови се проверени, подготвени за емитување, како и екипата што работи на подготовките. Оваа година имаме многу гости надвор од БиХ, продуценти, режисери, автори, жири, специјални гости, медиуми кои доаѓаат надвор од БиХ. Мислам дека Фестивалот ќе биде добар, успешен, се надевам дека филмовите ќе ѝ се допаднат на публиката“, истакна директорот на „AJB DOC Film“, Едем Фочо, за Anadolu Agency (AA).
„Change“ или „Промена“ е слоганот на второто издание на Меѓународниот фестивал документарен филм „AJB DOC“.
„Видовме дека повеќето од филмовите се занимаваат со промени. Промени што веќе се случиле или треба да се случат. Гледате, протагонистите на филмовите тежнеат кон промени, што е природно. Повеќето од нас тежнеат кон промени и сфативме дека за оваа година тоа е добар слоган. Сметаме дека во светот се случуваат многу промени, а документарниот филм е рефлексија на тој реален свет“, рече Фочо.
Како и минатата година, „AJB DOC“ ќе ѝ претстави на публиката документарни филмови од различна тематика, од политички документарци до оние што ја прикажуваат состојбата на човекот во општеството. Како што беше најавено и претходно, на овогодишниот фестивал ќе има повеќе филмови, режирани од жени или во кои протагонисти се жени.
Двата минатогодишни победнички филма на Фестивалот беа кандидати за филмската награда Оскар, од кои едниот влезе меѓу петте најдобри филмови. Фочо истакна дека и оваа година имаат потенцијални кандидати за престижната награда на американската Академија за филмски уметности.
„Оваа година имаме два или три филма кои се сериозни кандидати и мора да влезат во некој избор за Оскар. Што ќе биде на крајот, не знаеме, но факт е дека кога ги прегледувате филмовите кои се избрани оваа година, гледате дека има навистина одличен квалитет. Драго ни е што авторите, продуцентите, дистрибутерите на овие филмови го препознаваат фестивалот „AJB DOC“ како место за пласирање на тие филмови или како фестивал, бидејќи знаеме дека во светот има илјадници фестивали на документарни филмови, и тоа за нас е одредено признание“, изјави директорот на овој фестивал.
Многумина се согласуваат дека Сараево станува препознатлив по филмските фестивали и дека „Ал Џезира Балканс“ со овој фестивал дава свој придонес кон тоа. На прашањето на кој начин планираат да ја развијат својата приказна во иднина, директорот на „AJB DOC“ истакнува дека сакаат да го промовираат Фестивалот и да го прошират полето на дејствување и на остатокот од регионот.
„Ќе имаме специјални проекции, дополнителни содржини или програми што ќе се одржуваат на различни места. Сакаме да го задржиме регионалниот карактер по кој сме препознатливи. „AJB DOC“ нема да биде врзан само за Сараево, туку тоа ќе биде фестивал кој ќе има поширок простор на дејствување“, порача директорот на Фестивалот, Едем Фочо.
Извор: Anadolu Agency