Словенечката радиотелевизија ги повика нејзините претплатници кои досега плаќале само 3,77 евра месечно, тврдејќи дека немаат телевизиски, туку само радио уред, да им испратат нова изјава со која гарантираат дека немаат таблет или паметен телефон кој е приклучен на интернет, затоа што три ТВ програми на јавниот сервис од почетокот на август можат да се следат на сите платформи. Со тоа предизвика полемики во јавноста за воведување на своевиден “данок на интернет“, пренесуваат словенечките медиуми.
„Ги повикуваме домаќинствата кои плаќаат такса само за радио уреди да испратат изјава во која потврдуваат дека немаат уред што им овозможува прием на нашиот ТВ сигнал преку интернет“, стои во повикот на јавниот радиодифузен сервис до своите претплатници, додавајќи дека во спротивно тие автоматски ќе мора да платат целосна претплата за прием на радио и телевизиска програма од 12,75 евра од следниот месец, со можност за присилна исплата доколку не го направат тоа.
Намалена претплата врз основа на претходна изјава дека немаат и не користат телевизор, туку следат само радио програма, плаќаат околу 25.000 домаќинства.
Минатата година словенечкиот јавен радиодифузен сервис имаше приходи од претплата во износ од 94,5 милиони евра, што изнесува 76,3 проценти од вкупните приходи, а законски задолжителна претплата плаќаат 623.000 корисници, што е најмногу во последните пет години.
Уредникот на словенечката радио и телевизија Игор Кадунч вели дека минатата година имале позитивна разлика меѓу приходите и расходите од 1,1 милиони евра, што е подобро од претходната година, но и под планираното и дека нивните трошоци за работа се зголемиле за 6 проценти, што со оглед на тоа што повеќегодишното заостанување на очекуваното зголемување на претплатата, за што одлучува парламентот, не е доволно за стабилно работење.
Јавниот радиодифузен сервис, дел од своите приходи ги остварува од рекламирање, но овие приходи се намалуваат поради силната конкуренција на пазарот.
извор: index.hr