Organic Voices, непрофитна организација посветена на поддршка на органското земјоделство и производство на храна, се одлучи за „напорен“ пристап во промоцијата на својата кауза. Организацијата, поддржана од преку 100 брендови како Organic Valley, Amy’s Kitchen, Stonyfield Organic, Applegate и Lundberg Family Farms, ја лансираше кампањата „Најпрескокливата реклама во светот“ (“World’s Most Skippable Ad”).
Кампањата е создадена од агенцијата Humanaut и во суштина претставува 30-минутно видео од еден пар кои рецитираат, пеат и рапуваат преку 700 штетни хемикалии кои се наоѓаат во не-органските производи. Рекламата ги охрабрува гледачите да ја прескокнат рекламата и сите тие штетни адитиви, бидејќи токму тоа би го направиле доколку купуваат органска храна, текстил или други органски производи.
„Луѓето не мора да читаат долга листа на хемикалии на задната етикета од производите и да се прашуваат дали тие влијаат лошо на нивното и здравјето на нивните блиски. Ние сакаме да ги направиме работите поедноставни: можете да ја скокнете оваа долга листа на хемикалии и да се свртите кон органското производство,“ истакна Гери Хиршберг, претседател на Organic Voices и основач на Stonyfield Organic.
Покрај видеото, кампањата вклучува и out-of-home и дигитални реклами, како и специјализиран веб-сајт кој можете да го скролате апсурдно долго низ целата листа на хемикалии, постојано добивајќи поп-ап известувања кои ве охрабруваат дека сето тоа можете да го прескокнете.