Во Штип поставена е урбана уметничка инсталација – шивачка игла од четири метри како симбол на правата на вработените во текстилната индустрија.
„Иглата има за цел да го претстави текстилот како гранка на која почива градот, но исто така и гласот за потребата од подобри услови за вработените во овој сектор“, велат од Гласен Текстилец, кои го организираат настанот „Текстилијада 2019“ во чии рамки беше поставена инсталацијата.
Оваа уметничка инсталација е креирана во соработка со Центарот за современи уметности и тимот на урбанистички уметнички акции и академскиот скулптор Андреј Митевски и Никола Писарев.
Во рамките на повеќедневната манифестација, ќе бидат прикажани работнички документарни филмови, ќе има серија дебати, изложби, а предвидена е и регионална конференција на тема „Позитивни примери од регионот“.