Младите во Србија: Среќата не е во материјалното богатство
Дури 84% од денешните тинејџери сметаат дека парите не се мерка за успех и повеќе ги ценат угледот и честа од парите, а 93% се задоволни од нивниот изглед и лишени од каква било желба за популарните естетски корекции.
Овие се само некои од резултатите од истражувањето за генерациите родени помеѓу 2000 – 2013 година, спроведено од страна на DIRECT MEDIA United Solutions и IPSOS Strategic Marketing. Заклучоците од Студијата за млади беа презентирани на панел дискусија во белградскиот Дорчол Плац.
„Пред сè бевме заинтересирани за тоа колку генерацијата Z или како што ја нарековме откако ја запознавме подобро – Лајк генерација, се разликува од претходните и дали е подготвена да се справи со сето она што го носи иднината. Од искуство знаеме дека генерациите ги наследуваат вредностите и верувањата од претходните, но исто така имаат свои специфики, како што покажа и ова истражување“, рече Љубица Вукчевиќ, директор на Сектор за истражување и увид во DIRECT MEDIA United Solutions.
Истражувањето покажа дека 77% од припадниците на оваа генерација нема да изберат животен партнер врз основа на материјалниот статус. Над 90% од нив не се согласуваат дека љубовта не успева таму каде владее сиромаштија. Тие исто така веруваат дека луѓето со различни материјални околности можат да бидат искрени пријатели, дека сиромашните не се автоматски понесреќни од богатите.
„Секако, не можеме да генерализираме цела една генерација, но можеме, а тоа беше нашата најголема амбиција, да разнишаме некои од широко распространетите предрасуди и стереотипи за сегашните тинејџери кои, заедно, честопати сме склони лесно да ги прифаќаме и споделуваме“, изјави Дејан Радосављeвиќ, директор за истражување на IPSOS Strategic Marketing.
Друг интересен податок од истражувањето е дека 61% од испитаниците ја поддржуваат идејата за повторно воведување на задолжителен воен рок, а повеќе од две третини од анкетираните млади мажи на оваа возраст изразија подготвеност да одговорат на потенцијалната воена служба. Кога станува збор за физичкиот изглед, иако скоро едногласни во однос на задоволството од сопствениот изглед, младите од Лајк генерацијата се поделени кога станува збор за проценка на неговата важност за среќен живот на една личност.
Дури 48% од членовите на Лајк генерацијата, идоли и животни примери наоѓаат кај членовите на семејството, а потоа и во сопственото непосредно опкружување, додека еден од тројца припадници на оваа генерација не наведува ниту една личност како свој идол или пример, според резултатите од истражувањето.
Од историските личности, повеќето од нив го наведуваат Никола Тесла како пример, а на листата се најдоа и царот Душан и кнезот Лазар, додека меѓу познатите современици на кои им се восхитуваат се Новак Џоковиќ, Роналдо, Бака Прасе, Илон Маск, Милош Биковиќ, Светлана Ражнатовиќ Цеца и Аријана Гранде.
Александар Баукал, професор во Филозофски факултет, укажа на фактот дека токму она што денешните тинејџери „не се обврзуваат на ниту една приказна“, може да биде и добра подготовка за животот кој ќе го водат во текот на наредните децении.
„Она што е голема разлика на оваа генерација на млади во однос на претходната, е дека тие се креатори на содржини. Тие учествуваат во една општа креативна индустрија, така што идеите се мултиплицираат, а тоа во крајна линија може да биде позитивно за општеството“, изјави Баукал, и потсети на некои проценки дека секој човек во иднина, во текот на животот ќе смени 14 професии, а најбараните професии денес, се оние што не ни постоеја до пред 10 години.
Директорот и основач на Balkan Tube Fest, Мирјана Владиславјевиќ, ги посочи позитивните, како и негативните страни на заедницата на јутјубери, велејќи дека секогаш постои „лидер“ кој кога вели дека нешто е “добро“ или “не е добро“, илјадници тоа го следат “.
„Денес во Србија има над 150 јутјубери кои имаат повеќе од 100 илјади сабскрајбери, како и 300 илјади јутјубери со до 50 илјади следбеници, а нивниот мотив да влезат во овој бизнис е претежно пари, но и слава и популарност. Меѓу овие деца има многу шармантни и талентирани деца кои сакаат да ги слушнат и постарите“, изјави Мирјана, повикувајќи на поголем дијалог со оваа целна група.
Ѓорѓе Трбовиќ, извршен директор на IDJWorld, најголемата дигитална музичка платформа во регионот, се осврна на музичкиот вкус на денешните тинејџери, велејќи дека денешната музика е чудна за постарите генерации, исто онолку колку што за претходните генерации некогаш беше необична појавата на електрични гитари.
„Нема значителна разлика помеѓу пораките кои потсвесно или директно се испраќаа преку музиката пред дваесет години и денес. Се согласувам дека денес во песните многу се зборува за работи што младите не би требало да ги следат, но исто така мислам дека на овој начин младите се поизложени и можат да препознаат што е она негативно кое нема да го применат во нивните животи“, вели Трбовиќ.
Главниот уредник на NOIZZ, Галеб Никачевиќ, рече дека клучна разлика во генерациите е во начинот на конзумирање на културата.
„Денес, кога сè е достапно, постои отсуство на време, труд и ангажман во конзумирање на културата. Тоа доведе до радикални промени во ситемот на вредности. Некогаш брендовите беа глас на генарацијата, а денес младите имаат свој мобилен телефон и со самото тоа и свој глас, но и изложеност на инстант гратификација“, изјави Никачевиќ и нагласи дека социјалните мрежи станале социјален капитал во кои децата развиваат одредени особини за функционирање во онлајн светот.
Истражувањето за генерацијата Лајк е спроведено во три фази во текот на 2019 година на национално-репрезентативен примерок од 1200 испитаници.