Англиската хуманитарна организација West London Mission им помага на луѓето кои се соочуваат со бездомништво, сиромаштија и траума да живеат поисполнителни животи. Во својата најнова кампања создадена во соработка со лондонската креативна агенција AMV BBDO, организацијата се обидува да ја ублажи стигмата поврзана со бездомништвото.
Преку серија од три различни outdoor реклами, кампањата ги претставува специфичните, но блиски човечки особини и преференци на различни индивидуи кои се соочуваат со бездомништво.
Имајќи во предвид дека бездомништвото во Лондон пораснало за 18% помеѓу 2017 и 2018 година, тоа е честа појава која може да се забележи по улиците. Но, сепак, голем број случајни минувачи, дали поради „зафатеност“, или едноставно поради социјална стигма, не се одлучуваат да стапат во интеракција со бездомните лица. Лесно е да се сфати бездомништвото како нечиј туѓ проблем.
Организацијата West London Mission нуди широк спектар на услуги преку кои се обидува на бездомниците да им овозможи трајно сместување и вработување, но и поисполнителни животи преку советување и работилници.