Младата Швеѓанка се истакна со нејзината борба за заштита на животната средина и ги повика светските лидери да се борат со климатските промени.
Затоа оваа година, угледниот магазин „Тајм“ ја прогласи за личност на годината која се доделува веќе 92 години.
„Грета Тунберг – Моќта на младоста“ пишува на насловната страница на весникот. Таа воедно е и најмладата личност што го доби ова престижно признание.
Минатата година шеснаесетгодишната Грета Тунберг за прв пат се најде на насловните страници на светските медиуми кога започна штрајк пред шведскиот парламент во знак на протест поради климатските промени.
Оттогаш, Грета инспирираше милиони приврзаници да се соберат во повеќе од 150 земји. Во септември, таа жестоко ги критикуваше светските лидери во Обединетите нации за неуспехот во решавањето на климатските промени.
“Како се осмелувте? Ова е погрешно. Не би требало да бидам тука. Би требало да бидам на училиште од другата страна на океанот. Луѓето страдаат! Луѓето умираат! Целиот екосистем пропаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување, а сè што можете да зборувате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате?“, зборуваше тогаш Грета.
„Нејзиниот глас најдалеку се слуша кога зборува за проблемите со кои се соочува планетата и беше вклучена во создавање на светско движење. Таа е олицетворение на младинскиот активизам. Растот на нејзиното влијание беше навистина извонреден. Пред 14 месеци, таа сама демонстрираше и сега води милиони луѓе низ целиот свет и оваа година беше клучен двигател да го постави прашањето за зачувување на природата во центарот“, изјави главниот уредник на „Тајмс“ Едвард Фелсентал.
Тинејџерката беше иницијатор на бројни протести во кои беа вклучени милиони луѓе, претежно ученици и студенти, со цел да се потенцира потребата од итна акција за борба против климатските промени.
Во истата насока, таа продолжи денес во Мадрид, обвинувајќи ги политичките и бизнис лидерите дека сакаат да се претстават во подобро светло, отколку да преземат агресивни активности за борба против климатските промени.
“Јас сè уште верувам дека најголемата опасност е да не се направи ништо, вистинската опасност е кога политичарите и директорите претставуваат како да се работи нешто, а всушност, ништо не се прави освен паметно сметководство и креативен ПР – рече таа на самитот на Обединетите нации во Мадрид.
Тунберг рече дека многу од ветувањата за балансирање на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина не го вклучуваат влијание на бродарството, восдухопловството и меѓународната трговија и повика на побрза акција.
„Нулта 2050 не значи ништо ако високите емисии продолжат и само во наредните неколку години“, рече Тунберг.