Оваа година, меѓународната мрежа на Агенции за односи со јавност Чептер 4 одбележува една деценија од своето основање на пазарите на Југо-источна Европа и девет години, функционирање на македонскиот пазар. По овој повод, во ова интервју разговараме со првиот човек на Чептер 4 во Македонија, магистер Тодор Стојчевски
Маркетинг365: Годинава, Чептер 4 европската мрежа на Агенции за односи со јавност одбележува една деценија од своето основање. Со што се карактеризираат првите десет години од функционирањето на пазарот на Југо-источна Европа?
Доколку се сублимира една деценија во три зборови, тогаш едноставно би кажал „динамично, едукативно, европски“. Динамично – затоа што пазарот на комуникациите, во сите свои форми, е многу разновиден, варијабилен, не-константен. Сите субјекти кои „работат“ со комуникации флуктуираат во својот раст и развој, во зависност од корелацијата со надворешните политички, економски, социјални фактори. Имено, еден изборен процес во годината, а кај нас ги има секоја година, многу влијае на комуникацискиот пазар. И мало економско раздвижување има своја рефлексија. Ако сакате дури може да се каже дека и социјалните состојби влијаат на економската динамика на пазарот на комуникации. Во овој „Универзум“ пливаме веќе десетина години.
Едукативно – ние ги учиме пазарите во Југо-источна Европа, односно тие нѐ учат нас. Меѓусебното влијание придонесува до прилагодување на Чептер 4 на потребите на пазарот и проширување на спектарот на услуги од Агенција за односи со јавност кон комуникациска агенција која нуди интегриран пристап за клиентите. Од креирање комуникациска стратегија до нејзина финална реализација, од менаџирање на процес на информирање и брендирање, реализација на кризна комуникација, медиумско комуницирање и секако, прилагодување на новите технолошки начини на двонасочна комуникација.
Европски – се обидуваме, преку соработката со клиентите, на нашиот пазар да промовираме европски стандарди и вредности. Ветеното да го реализираме до максимум. Да додадеме нешто плус и од не-ветеното за клиентот. Нашето мото како компанија е „Ви помагаме да пораснете“ (We help you grow), што секако не подразбира само раст на клиентот во квантитет (бројки и статистики), туку негово подобро и поквалитетно позиционирање на пазарот, препознатливост, градење и одржување позитивен имиџ…
Сакам да потенцирам дека како Чептер 4 Македонија одбележуваме девет години, што значи дека се приклучивме на мрежата една година подоцна како петта држава.
Маркетинг365: Која е спецификата на Чептер 4 Македонија како дел од оваа мрежа? Што се предностите, а кои се слабостите на функционирање во мрежа?
Да се биде дел од мрежа, навистина, е предизвикувачки. Затоа што постојано сте во движење. Од една страна, следејќи го развојот на комуникациите на пазарите на кои работиме во Југо-источна Европа, но и пошироко и од друга страна, развојот на овој сегмент на домашниот пазар. Флуктуацијата на идеи и клиенти во мрежата, де факто, постојано Ве држи во кондиција да одговорите на потребите на локализација на меѓународните стратегии за комуникации и/или да интернационализирате одредена домашна стратегија на повеќе пазари. Меѓусебната комуникација на колегите од сите десет држави каде функционираме како Чептер 4 мрежа и земјите каде имаме партнерски агенции, овозможува размена на знаење и негово прилагодување на потребите на клиентите во Македонија.
Секако, ние сме презадоволни од соработката со мрежата, со колегите кои професионално ги извршуваат зададените обврски, за помошта што ја нудиме или ја добиваме при реализација на одредени комуникациски проекти.
Маркетинг365: Најавивте едно истражување за областа Односи со јавност на пазарите во Југо-источна Европа. За што конкретно станува збор?
За да бидете иновативни и да нудите креативни решенија, неопходно е да го познавате пазарот/пазарите каде што работите. Досега секоја Агенција посебно, во секоја држава, преку различна методологија ги осознаваше карактеристиките на пазарот на кој функционира и степенот на развој на односите со јавноста, новинарството, комуникациите, социјалните медиуми. Но, по повод 10 години од основањето, одлучивме да направиме сеопфатно европско истражување за односите со јавноста, за нејзиниот развој и за очекувањата на нашите клиенти.
Ова истражување ќе биде објавено и промовирано во сите држави каде што ќе се реализира. Притоа, освен што ќе даде состојба на ПР-от на одреден пазар, исто така ќе биде рефлексија на повеќе пазари и ќе овозможи компаративен пристап за развојот на професијата. Ова ќе биде уште еден наш придонес, како Агенција, во откривање на позициите на професијата и давање сугестии каде може и треба да се работи на подобрување на професионалните стандарди.
Маркетинг365: Во едно од вашите први интервјуа ветивте дека ќе донесете европски вредности и знаења во ПР-от и комуникациите во Македонија. Задоволни ли сте од вашиот придонес?
И да и не. Многу е едноставно да кажете дека сте задоволни, дека сте постигнале одредени ветувања, но уште поискрено е да признаете дека не доволно сте успеале во намерите. За тоа сме „виновни“ и ние како личности и Агенции, но и пазарот кој не секогаш е подготвен да се менува. Сепак, генерално, сум задоволен од движењето и позитивниот развој на пазарот, кој како и секаде, е тежок за промени и ре-позиционирање на главните играчи. Исто така, останува да се трудиме уште повеќе како Агенција да размислуваме, разговараме и иновираме во подобрување на процесот на комуникација и соработка со клиентите.
Маркетинг365: Вие бевте дел од Управниот одбор на единственото Здружение за Односи со јавност (ЗОЈМ). Што се случува со здружението со оглед на тоа што нема декларирани активности?
Да, бев, но за жал, здружението е пасивно неколку години. Формално-правно постои, но реално не функционира. Затоа се појавуваат разни идеи за негово „оживување“ или замена, односно создавање ново здружение на професионалците од односите со јавноста. Се надевам дека овој обид, ако не се лажам, ќе вроди со плод и конечно, ќе се создаде професионално здружение кое ќе се грижи за професијата, за нејзините членови, за соработката со клиентите, за продуцирање нови проекти и стручна литература.
Останува, како професионалци, заеднички, да се потрудиме и да го реактивираме веќе постоечкото здружение или доколку се согласиме, да работиме на создавање ново професионално здружение кое ќе помага во етаблирање на професијата, во поставување на етичките и моралните стандарди, во продукција на стручна литература, во меѓународна соработка и во остварување на интересите на неговите членови.
Маркетинг365: Од неодамна сте докторанд на Факултетот за медиуми во Љубљана, на студиската група Стратешко комуницирање. Зошто одлучивте Вашата доверба да ја дадете на европски факултет и на која сфера ќе го посветите вашето идно научно истражување?
Професионализацијата никогаш не завршува како процес. Крајот на еден формално-едукативен момент во кариерата не ги дефинира вашата компетентност и знаење во остварување на зададените задачи. Затоа, секој што работи во Агенција, но и во други компании и институции во однос на сегментот комуникации, постојано треба да се надградува и едуцира.
Отсекогаш сум имал предизвик да ја следам и анализирам работата на моите колеги од другите држави во однос на реализација на иста стратегија. Значи, еден клиент, една комуникациска стратегија, која се реализира во десет држави. Тука, имате огромна можност за инвентивен пристап, но и за пристап кој, на одредени пазари, ја ограничува и оневозможува креативната реализација на планираните идеи. Поради оваа интернационализација на практичното знаење, одлучив да запишам докторски на Факултетот за медиуми во Љубљана (www.fame.si) каде ќе работам на проблематика поврзана со обликување на јавноста. Во истражувањето ќе опфатам шест држави од Југо-источна Европа и со нетрпение се радувам на моментите кога, практично, ќе почнам со реализација на докторската дисертација. На крајот очекувам да произлезе интересно четиво кое ќе сублимира шест социјални полиња (шест држави) каде различни актери имаат различни улоги и од тие позиции, на различен начин и преку различни алатки, влијаат на обликување на јавноста. Секако, главен содржател, според мене, во процесот на обликување на јавноста е комуникацијата, полето на мој стручен интерес.
Маркетинг365: Што е Вашата порака до колегите за тоа како треба да ги негуваме перспективите на комуникациската професија?
Секоја професија, во овој век, е зависна и тесно поврзана со развојот на технологијата и иновациите. Кадрите кои се ангажирани во сите овие сегменти мора да имаат отворен ум и да бидат подготвени да ги прифаќаат сите промени, технолошки иновации, да креираат нови стандарди. Верувам, посакувам и сум убеден дека и професионалците во Македонија, освен за своите лични интереси (што секако, е добро), ќе се грижат и за остварување на интересите на професијата. Ќе се трудат да се развива и да овозможува нови работни места, кои ќе ги потполнат идни колеги. Да влијаат на учесниците на пазарот и да наметнува и пропагира стандарди за комуникација. Да соработува со меѓународни здруженија во насока на неформална едукација на професионалците и реализација на разни обуки и работилници. Најважно е лицата кои се ангажирани/работат во сферата на комуникациите постојано да бидат отворени за нови предизвици, за учење, за себе-потврдување, за реализација на плановите на сите генерации кои работеле, работат и ќе работат во сферата на комуникациите.