По успешно завршениот прв циклус на Лондонската школа за односи со јавност (ЛСПР) во Скопје, ви го најавуваме вториот кој стартува на 4-ти април. Нова можност избрана група ПР професионалци, комуникатори, новинари и луѓе кои сакаат да напредуваат на професионален план да се сретнат со врвни предавачи кои ќе им ги пренесат последните светски трендови во секторот односи со јавноста.
„Горди сме што во првиот циклус овозможивме квалитетна едукација по уникатни образовни програми и техники, со студии на случај, еден на еден тренинг и сериозен практичен дел. Модулите се конципирани да овозможат специјализација во доменот на односи со јавност, управување со угледот, управување со криза и кризно комуницирање; да изградат вештини за брендирање и маркетинг, како и успешно надградување на знаењата во доменот на социјалните медиуми, дигиталниот маркетинг и ПР во време на дигитална револуција“ – вели Наташа Божиновска Миркова, Директорка на Represent Communications Македонија.
Лондонската школа за односи со јавноста е признаена од ITOL (Институт за обука и професионално учење), NUJ (Национална унија на новинари) и CPD (Континуиран професионален развој). Освен во Велика Британија, ЛСПР постои и во 12 други земји преку LSPR Worldwide. Учесниците се стекнуваат со меѓународно признаен лиценциран сертификат препознатлив за секој регрутер и HR специјалист во светот.
Со оглед на концептот на ЛСПР, кој подразбира мала компактна група која работи на конкретни случаи, во есенскиот циклус имавме 15 учесници, поединци и претставници на компании како МЕПСО, Пивара Скопје, Кроација, QSI International, Кајгана Медиа итн., кои ја препознаа специфичната вредност на школата.
„На курсот LSPR се стекнав со непроценливо знаење и искуство од областа на Односи со јавност и Маркетинг, преку исклучително професионалните и одлично организираните часови. Интензивниот курс, едновремено беше и забавен, обезбедувајќи ми можност, желба и волја да спознаам нешто ново за мене. Од особено значење беа и одличните образовни стандарди, кои беа дел од нивната проектирана програма. Часовите беа интересни, инструкторите инспиративни, а целиот тим на LSPR пак, исклучителен!“ – вели Даниела Јанкулоска, QSI International Educator.
За Марјан Лазаревски од Кајгана Медиа, ЛСПР е искуство кое засекогаш ги промени неговите гледишта за случувањата во јавноста и му даде уникатна можност да „ѕирне зад завесата“ за да научи како се создаваат, перцепираат, адаптираат и контролираат информациите. И тоа од вистински професионалци, преку реални примери и практични вежби.
„Обуката е забавна и креирана на начин кој го задржува вашето внимание од првата од последната минута. Како некои од најинтересните моменти можам да ги издвојам обуката и практичните вежби за јавен настап во медиум, нашиот однос пред камера при одговарање на „незгодните прашања“ поставени од останатите учесници (во улога на новинари), деталната анализа и увидувањето на сопствените маани и предности, како и забавните вежби за дикција“ – вели Марјан.
Новина што се воведува во овој циклус е посебна квота за студенти. Целта е на студентите да им се доближи програмата и можноста преку ЛСПР да стекнат знаења и контакти корисни за напредување на нивниот кариерен пат.
„Основната мисија на ЛСПР е да им обезбеди на учесниците најдобро знаење во избраните области и да создаде професионалци подготвени за сите предизвици со кои може да се соочат на професионалниот пат. ЛСПР смета дека традиционалниот ПР веќе не е доволен за ефикасно комуницирање и градење репутација и затоа сите програми на ЛСПР се прилагодени на потребите на пазарот и дигиталното доба“ – вели Џон Далтон, Директор на lspr.uk.
Освен основачот и директор на ЛСПР, Џон Далтон, на петнеделната обука оваа пролет во Скопје, своето знаење со учесниците ќе го споделат уште 7 меѓународни и локални предавачи со врвно знаење и искуство.
Лондонската школа за ПР во Скопје започнува на 4 април 2019 година, а early bird пријавувањето e веќе започнато. Сите информации за програмата, предавачите и термините може да ги најдете на lspr.mk