Во четвртокот, Икеа објави дека од својата понуда ќе ги исфрли пластичните производи за еднократна употреба за да допринесе за зачувување на животната средина и создавање на “позитивно влијание врз луѓето и планетата“
Одлуката за укинување на пластичните производи за еднократна употреба се однесува на сламки, потоа производи како што се кеси за замрзнување, како и вреќи за ѓубре. Одлуката, исто така, вклучува и пластични производи за еднократна употреба кои служат за послужување во рестораните на ИКЕА за купувачите и вработените, како што се прибор за јадење, сламки, чаши и чинии, се наведува во соопштението.
ИКЕА посочува дека посетителите на стоковната куќа ИКЕА одсега можат да најдат еко замени за речиси сите пластични производи за еднократна употреба.
Наместо пластика, на купувачите им се нудат сламки од бамбус, од не’рѓосувачки челик и оние кои се направени од три слоја тврда хартија за да ја задржат својата форма.
Исто така, наместо кеси за замрзнување за еднократна употреба, Икеа нуди поодржлива опција – пластични кеси со затворање за повеќекратна употреба.
Исфрлањето на пластиката за еднократна употреба е една од активностите со кои ИКЕА сака да стане целосно циркуларна компанија до 2030 година и да користи само рециклирани и обновувачки материјали, се вели во соопштението.