Капачињата од стаклените шишиња се вреден простор за брендирање – единствената рамна, метална површина на инаку закривено стаклено пакување. Совршените кругчиња кои чекаат да бидат уметнички дизајнирани, како да се еден вид стикери за публиката. Тие исто така лесно се чуваат, па не е ни чудно зошто толку луѓе ги колекционираат. Сега, колумбискиот пивски бренд Aguila се откажува од своите капачиња со добра причина.
Пивницата AB InBev која го произведува пивото ја започна иницијативата “The Beer Cap Project”, според која ќе им дозволи на други брендови како UberEats, KFC, Papa John’s, Hard Rock Café, Uber и Cabify да ги брендираат капачињата на пивото по сопствен вкус.
Во суштина, се работи за кампања која има за цел да поттикнува одговорност во пиењето. Сите брендови кои се вклучени во иницијативата се однесуваат на храна, вода или транспорт. Храната и водата ги намалуваат ефектите на алкохолот, а брендовите како Uber и Cabify се тука, за да им овозможат на луѓето безбедно да стигнат до дома без да мора да возат.
Дополнително, капачињата нудат и попуст на производите и услугите од претставените брендови, што го прави попривлечно носењето на добри одлуки доколку пиете.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата MullenLowe SSP3 од Богота, Колумбија.
„Секоја година, пивската индустрија троши милијарди долари за да промовира одговорно пиење, но пиењето алкохол е сѐ уште голем проблем низ светот. Експертите посочуваат дека консумирањето вода додека сте излезени, јадењето и заминувањето дома порано се начини како да се пие одговорно, па ние сакавме да направиме нешто што досега не било направено претходно и да го тргнеме логото на Aguila од капачињата и да го дадеме на други брендови,“ истакнува Андрес Родригез, генерален креативен директор на MullenLowe SSP3.
AB InBev се обидува и преку билборди надвор од Колумбија да ги поттикне останатите пивници да се придружат на нивната иницијатива.
„AB InBev се целосно посветени на предводење на нови иницијативи со кои ќе се потенцира одговорното консумирање на алкохол и ќе донесат вистинска општествена промена. За иницијативата “The Beer Cap Project” сакавме да ја искористиме моќта на Aguila на колумбискиот пазар за да допреме до водечките пивски брендови ширум светот и да промовираме универзална порака која ќе ги едуцира луѓето да консумираат алкохол одговорно,“ посочува потпретседателот за маркетинг на AB InBev Colombia, Тор Боресен.