Петте приватни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител, Телма здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА) денеска на прес конференција се огласија по повод најжешката медиумска тема во моментов: најавата на операторите дека ќе прекинат со реемитување на сите домашни и странски ТВ канали доколку не се најде итно решение за излез од ситуацијата што беше предизвикана од избрзаното усвојување на измените во законот за медиумски услуги.
Членовите на ММА бараат институциите да овозможат спроведување на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги донесен во 2018 година и бараат оставка од првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, Зоран Трајчевски, истовремено потенцирајќи дека телевизиите се колатерална штета од недоразбирањето меѓу институциите и апсурдното и незаконско однесување на телекомуникациските оператори и не гледаат причина да бидат исклучени од реемитување.
– Ние ги гарантираме авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашата програма не се појавува никаква пиратерија, ништо за што не е регулиран договор и за што немаме законско право да емитуваме. Оттаму, навистина е чудно зошто нас би нѐ исклучиле од нивните телекомуникациски мрежи како емитувања, особено што имаме и валидни договори. Евентуалното раскинување на тие договори трае 30 дена, така што ова е паушален незаконски чин, да не речам хир од страна на кабелските оператори – рече Атанас Кировски, претседател на ММА.
Кировски исто така ги обвини операторите дека пиратираат најмалку 10 канали без авторски права кои создаваат нелојална конкуренција.
Од друга страна, како одговор на изнесените ставови на прес конференцијата на ММА стигна и реакција од Здружението на информатичко-комуникациски технологии преку кое се дистрибуира гласот на операторите.
Во нивната реакција се вели: ” Со целосна одговорност твдиме дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми. Сите инсинуации за учество на операторите во „пиратство“ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава. “
“Барањето на 5-те телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали за да можат да се реемитуаат во земјава значи директно кршење на Директивата за реемитување и Директивата за „телевизија без граници“ и претставува обид за вовед во цензура” – велат операторите и надополнуваат “Ваквиот јавно изкажан став на ММА јасно укажува дека мотивите и крајната цел за ваквото брзо носење на Измените на ЗААВМУ било токму притисокот со ваквиот Закон да се намали бројот на ТВ канали кои ќе се реемитуваат во земјава.“
Измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, не само што не ја регулираат оваа проблематика, туку и дополнително ја усложнуваат, бидејќи создаваат правно неиздржани преседани. Операторите работат согласно сите закони и согласно директивите во ЕУ, а тие веке посочија дека ваквите измени се спротивни на директивите. За ова има и мислење од Европската комисија која укажува дека вакво законско решение не постои во ниту една земја членка на ЕУ.
Од здружението на операторите повторуваат дека последните Измени на ЗААВМУ, усвоени по скратена постапка и непосредно пред распуштањето на Собранието, се донесени на нетранспарентен начини кој намерно оневозможи јавна дебата за сериозните и штетни последиците од нив и ги игнорираше сите укажувања на Здружението на ИКТ за нивната неприменливост и дека ќе ги принудат да го прекинат реемитувањето на сите ТВ канали, освен јавниот сервис.
Како еден од излезите од оваа ситуација Здружението поднесе барање до Уставниот суд за донесување на времена мерка со која ќе се одложи примената на законот за АВМУ заради неуставност.