Да бидете жена и никогаш да не бидете жртва на сексуално вознемирување на улица е речиси чудо. Истражувањето на Францускиот институт за јавно мислење (IFOP) од 2018 година покажа дека дури 86% од жените биле жртви на улично вознемирување во текот на својот живот.
Сепак, премногу често овие жени се обвинуваат дека самите се виновни и одговорни за она што им се случува поради нивниот провокативен изглед и начин на облекување.
Соочувајќи се со оваа појава, здружението HandsAway, кое се бори против родово и сексуално насилство на улиците и во транспортот и агенцијата TBWA од Париз започнаа кампања “Ова не е согласност“, која ја слави слободата на жената.
Доколку жената носи тесна облека, мини здолниште или длабоко деколте, тоа во никој случај не претставува повик или елемент кој им дава право на мажите да бидат агресивни или да даваат сексистички забелешки.
Целта на оваа кампања е да ги потсети луѓето дека жената има право да се облекува како што сака и ниту една облека не може да ги оправда ваквите зборови или дела.